Ждребка во Лисабон: Македонија во првото полуфинале на Евросонг 2018
Португалија- Македонскиот претставник на Евросонг 2018 во Лисабон, Португалија, ќе настапи на првата полуфинална вечер на 8 мај. Ова беше одлучено на ждрепката што се одржа во градскиот совет на Лисабон. Во првото полуфинале ќе настапат и претставниците на Велика Британија, Шпанија и Португалија, Белорусија, Бугарија, Литванија. Албанија, Чешка, Белгија, Исланд, Азербејџан, Израел, Естонија, Швајцарија, Финска, Австрија, Ирска, Ерменија, Кипар, Хрватска и од Грција.
Во второто полуфинале на 10 мај ќе ги слушнеме претставниците на Италија, Франција, Германија, Русија, Србија, Данска, Романија, Австралија, Норвешка, Молдавија, Сан Марино, Холандија, Црна Гора, Шведска, Унгарија, Малта, Летонија, Грузија, Полска, Словенија и на Украина.
Конечниот распоред, ќе биде познат до 15 март.
Во полуфиналните натпревари учествуваат 37 држави, во првото полуфинале 19, а во второто 18. Од секоја полуфинална вечер ќе се квалификуваат по 10 песни, според гласовите од публиката и од стручното жири, во однос 50:50. Дваесет финалисти во големото финале ги чека „големата петорка“: Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Шпанија, заедно со домаќинот Португалија, односно годинава вкупно 26 земји ќе се борат за евровизиската победа. Евросонг годинава ќе се одржи под слоганот All Aboard!.
Македонската Радио Телевизија упати јавен повик за избор на композиција којашто ќе ја претставува Македонија во Лисабон. МРТВ како носител на лиценцата за Избор на Песна на Евровизија , донесе одлука за формирање на релевантно професионално жири, коешто ќе има за цел избор на композиција, а врз основа на избраната композиција, ќе предложи и изведувач или група изведувачи, коишто истата ќе може најдобро да ја исполнат на евровизиската сцена. Јавниот повик е отворен до 8 февруари.
Ова ќе биде 18 учество на Македонија на Евровизија. Пет години по ред Македонија не успеа да се пласира во финалето на Евросонг. Официјално Македонија е дел од Евровизија од 1998 година, кога ова музичко натпреварување се одржа во Бирмингем, Велика Британија. Најдобриот пласман Македонија го имаше во 2006 година, кога наш претставник беше Елена Ристеска со темата “Нинанајна”. Од поранешните Ју-републики само нашата земја и Црна Гора никогаш не успеале да се најдат меѓу најдобрите 10 земји.