ЕУ ќе ја признава Палестина, Македонија нема да брза


Европската унија срамежливо навестува дека веќе на пролет ќе дојде до колективно признавање на Палестина како држава. Нога ќе повлече Словенија, а нејзиниот пример треба да го следат и останатите земји што досега не ја признаваа самостојноста на државата на Блискиот Исток.

Овие вести доаѓаат по контроверзниот потег на американскиот претседател, Доналд Трамп, чија администрација го призна Ерусалим за главен град на Израел, по што огромното мнозинство членки на Обединетите нации изгласаа револуција со која се осуди „провокацијата“ од Вашингтон. Македонија, со оглед на ваквиот дипломатски расцеп, ќе остане воздржана и ќе го следи развојот на настаните, по што ќе одлучи дали ќе воспостави дипломатски односи со Палестина.

Словенија сака наскоро да ја признае Палестина како независна држава. Сите други членки на Европската унија го подржуваат словенечкиот пристап што ќе се случи доколку парламентот го усвои предлогот за признавање на палестинската држава“, рече министерот за надворешни работи на Владата во Љубљана, Карл Ерјавец.

Тој ја даде изјавата во Брисел, во чија посета на европските институции беше и палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој побара сите членки на ЕУ да ја признааат Палестина како држава.

Со нашето признавање ќе се засили позицијата на Палестинците во мировниот процес на Блискиот Исток“, додаде Ерјавец по средбата со Абас.

Надворешнополитичкиот одбор на словенечкиот парламент ќе се состане на 31 јануари и тогаш ќе се разгледува предлогот за признавање на Палестина, по што ќе биде проследен за гласање до парламентот. Тоа би требало да се случи во март или во април.

Досега, девет земји членки на унијата официјално ја признаа Палестина, но само една го направи тоа како членка на ЕУ (Шведска), додека другите (Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Бугарија, Романија, Малта и Кипар) го сторија тоа пред да влезат во ЕУ.Македонија засега со внимание ги следи настаните на Блискиот Исток и различните активности на клучните меѓународни чинители во врска со блискоисточниот процес.

Република Македонија го поддржува принципот ‘две држави за два народи’ како најдобро можно решение на конфликтот, во согласност со принципите на меѓународното право и релевантните резолуции на ОН. Сметаме дека решението треба да се изнајде во кредибилен политички процес, преку директни преговори на заинтересираните страни и со почитување на веќе постоечките параметри за решавање на конфликтот. Република Македонија е во постојани консултации со своите партнери од ЕУ и во моментов не размислува за донесување на какви било унилатерални одлуки за ова исклучително важно прашање“, ни изјавија во македонското Министерство за внатрешни работи.Ваквата позиција на Македонија во континуитет наидува на критики од домашни дипломати кои посочуваат дека како држава што и самата има проблем со признавањето и што знае колку може да биде непринципиелно спроведувањето на меѓународното право и непочитувањето на правото на еден народ , покажува отсуство на иста принципиелност кон Палестина.

Палестина е делумно призната држава. Самопрогласена е на 15 ноември 1988 година кога Палестинската ослободителна организација во егзил од Алжир донесе декларација за независност. Признаена од околу 130 земји на ОН, од 2012 година има статус на набљудувач, но членка е во разни нејзини тела, како што е УНЕСКО. Палестина се состои од две одвоени територијални целини: Појасот Газа и Западниот брег што се раздвоени од територијата на Израел. По Првата светска војна, станува британска колонија, за во 1947 година да биде предложено нејзина поделба на два дела: еврејска и арапска. Но, создадена е само еврејска (Израел), која, според обвинувањата на Палестинците, анектирала и делови што, наводно, требало да ѝ припаднат на арапската држава. Најголем град е Газа, но самите си го имаат прогласен Источен Ерусалим за главен град. Имајќи предвид дека тој е споен со западниот Ерусалим, што го контролира Израел, седиштата на палестинските влади се наоѓаат во Рамала и во Газа.

Во декември 2014 година, Советот за безбедност на ОН ја отфрли палестинската резолуција со која се бараше „окончување на израелската окупација до крајот на 2017 година“. Соединетите американски држави, кои важат за најголем сојузник на Израел, ја предводеа коалицијата против резолуција. Пред крајот на минатата година, претседателот Трамп и неговите соработници го признаа Ерусалим за главен град на Израел. На 21 декември лани, со 128 гласа „за“, 9 „против“ и 35 „воздржани“, Генералното собрание на ОН на вонредна седница со прогласи за неважечко признавањето на Ерусалим за главен град на Израел. Македонија беше една од земјите што гласаа „за“. Претходно, амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли се закани дека САД ќе го запамти денот кога биле нападнати во Генералното собрание на ОН, бидејќи го остварувале своето право како суверена земја, нагласувајќи дека гласањето нема да влије врз нивната одлука.Хејли кажа дека САД ќе се пресмета финансиски доколку Генералното собрание ја усвои резолуцијата со која би се прогласила за неважечка одлуката на вашингтонската администрација. Претходно, и самиот Трамп најави дека ќе ја крати финансиската помош за земјите што ќе ја поддржат резолуцијата.

Горан Адамовски