ЕУ од БиХ бара да ги спроведе изборните резултати, а потоа да го смени изборниот закон
Новата власт во Босна и Херцеговина треба што побрзо да биде воспоставена согласно изборните резултати од 7 октомври, но мора да се спроведе и пресудата на Уставниот суд за измена на изборниот закон, изјави денеска во Сараево генералниот секретар на австриското сојузно Министерство за Европа, интеграција и надворешни работи Јоханес Петерлик.
Тој пред новинарите изјави дека му било важно да дојде во БиХ непосредно по изборите и да укаже на значењето на спроведувањето на изборните резултати.
– Резултатите е важно што побрзо да се имплементираат и ние на тој начин ја покажуваме и поддршката за Високиот претставник на Меѓународната заедница (Валентин Инцко) и неговите напори, изјави австрискиот дипломат. Тој дополни дека сите политички актери во БиХ имаат голема одговорност да дејствуваат во тој правец.