ЕУ Обсервер: Со лажна потврда за бугарско потекло до пасош на ЕУ
Градоначалник запиша една бандера како адреса за Македонците кои во процесот на натурализација во Бугарија даваa поткуп за потврди за бугарско потекло, изјави Катја Матева во интервју за ЕУ Обсервер. Таа 11 години била директорка на одделот за државјанства при бугарското Министерство за правда.
– Илјадници луѓе се регистрирани на адреса на бандера, посочи Матева, која во Министерството работела до 2016 година, кога била отпуштена затоа што, како што таа тврди, одбила да учествува во измама.
Таа вели дека парите биле давани во готовина, среде бел ден, насред улица, пред иституција, во срцето на Софија.
Во едно претходно интервју, Матева рече дека отфрлила над 60 апликации за натурализација по предупредување од Интерпол. Потоа, во октомври беше уапсен претседателот на Државната агенција за Бугарите во странство Петар Харалампиев и уште дваесетина осомичени лица. Тој е осомничен дека продал илјадници лажни потврди за бугарско семејно потекло.
Сега матева вели дека апсењето не ја запрело измамата и оти сè уште се користат лажни потврди за добивање државјанство.
– Дојдов да апелирам за да запре оваа ужасна пракса, бидејќи се плашам, речиси сум сигурна, дека виновниците нема да понесат никаква одговорност, изјави Матева за ЕУ Обсервер. Таа проценува дека за 11 години, колку што работела во Министерството, најмалку 5.000 луѓе годишно купувале лажна потврда за бугарско потекло. За тоа плаќале меѓу 500 и 700 евра, во зависност од имотната состојба. Мито не давале само оние кои мамеле за потеклото, туку и луѓе со легитимно барање морале да платат
– Сите платија. Никој не доби потврда без плаќање, а тоа не се државни такси. Цинично е тоа што државата тврди дека бугарското државјанство не чини ништо, бидејќи ништо не стасува во државниот буџет. Тоа е бесплатно, но мора да се плати под маса, тврди Матева.
Таа обвинува дека поединци од бугарската политичка елита профитирале од измамта и укажа на вицепремиерот Красимир Каракачанов, кој е лидер на бугарската националистичка партија ВМРО, дел од Владата на Бојко Борисов.
ЕУ Обсервер наведува дека не добиле коментар на обвинувањата од Матева ниту од партијата на Каракачанов, ниту од Министерството за правда.
Во написот се наведува дека во меѓувреме, новите државјани на Бугарија им се придружуваат на илјадниците други новопечени граѓани на ЕУ, кои тоа станале преку „златните пасошки шеми“ на Кипар, Унгарија и на Малта.
Кипар, во минатото им продаваше пасоши на богати Сиријци и Руси кои беа под санкции на ЕУ и САД, а Унгарија канализирала уплати од своите пасошки шеми преку офшор компании кои можеле да служат за плаќање провизии на корумпирани функционери, наведува ЕУ Обсервер,
Новинарката Дафне Каруана Галиција, која беше убиена минатата година, дојде до заклучок дека и високи функционери на Малта, вклучувајќи го и шефот на кабинетот на премиерот, се поврзани за провизии во пасошката шема.