ЕУ дава 30 милиони евра за интернет на Балканот


Европската комисија секојдневно работи и на дополнително намалување на цените, и на укинување на роамингот внатре во рамки на западен Балкан и кон ЕУ.
Европската унија подготвува 30 милиони евра кои ќе ги вложи во ширење на интернетот на западниот Балкан.
Комесарот за дигитален пазар Марија Габриел, објави дека се работи за неповратни средства кои се трошат во рамки на проектот за намалување на цените на роаминг внатре во нашиот регион, како и кон ЕУ.
Парите се одобрени преку инвестицискиот фонд за западен Балкан и се трошат за реализација на широкопојасен интернет.
Габриел, зборувајќи во Европскиот парламент, истакна дека Унијата силно ги поддржува активностите на шесте држави на западен Балкан за намалување на цените за роаминг, како и за што поевтин пристап и користење интернет. Нагласи дека укинувањето на роамингот, што ЕУ веќе го направи, е нејзина цел и за државите од западен Балкан. Но, тие не се дел од Унијата, па тој процес може да оди само по договор со телеком операторите и властите внатре во регионот.  Сепак, Габриел пофали неколку телеком компании кои самоиницијативно веќе значително ги редуцирале трошоците за роаминг.
„Европската комисија е во постојан контакт со партнерите на западен Балкан, за цените на роамингот дополнително да се редуцираат со крајна цел тој да се укине“, порача Габриел.