Енигма е од каде ќе се обезбедат пари за изградбата на Kлинички


За изградбата на новиот клинички центар сè уште се водат разговори за законски измени со цел да се овозможи да биде објавен еден тендер, кој ќе вклучува еден пакет и тоа за изработка на проект и за изградба на објектот, да не се објавуваат одвоено со цел се скрати времето потребно за распишување на посебни огласи. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека дискутирале и на Влада и во Министерството за финансии дали може да се изведе таков пакет согласно Законот за јавни набавки и дали има простор за законски измени за оваа тема. Тој очекува изградбата да почне до крајот на годината.

„Потребен ни е период во кој овие работи треба да ги адаптираме, надградиме по можностите. Трае ревизијата и актуелната работа во врска со земјиштето во Општина Ѓорче Петров. Треба да се подготвиме за активностите, на сите граѓани ни треба што побрзо да биде изграден нов клинички центар. Ги разгледуваме сите опции, ги користиме искуствата од многу европски земји кои работат на овој начин“, изјави Филипче.

Во моментов се ревидира физибилити-студијата за гринфилд-локација. Министерот рече дека се собрани податоци од директорите на клиниките во кои е наведено што сакаат да имплементираат во нивните одделенија, како што се операциски сали, број на кревети, согласно бројот на пациенти кои се третирале изминатите години во здравствените установи на Клинички.

„Ревизијата на физибилити-студијата и сите други подготвителни работи околу земјиштето очекуваме да бидат готови во мај. Потоа ќе бидеме подготвени официјално да ја почнеме постапката. Искрено верувам дека ќе ги завршиме сите постапки во овие рокови, што ќе значи дека имаме сериозни шанси темелите на клинички да ги удриме до крајот на оваа година“, подвлече Филипче.

Неодамна Филипче рече дека разговори се воделе и со компании што имале извршено изградба на вакви објекти низ Европа. Уште е нејасно од каде ќе се обезбедат пари за финансирање на изградбата, опција која ја разгледуваат министерствата за здравство и финансии.

Вероника Мароска-Леова