Елка


Симбол на нова година, нови надежи, на топол дом, на семејна дружба, навраќање на детството, размислување за иднината и разубавување на сегашноста.

Некој ја кити порано, некој подоцна, но време е дамата во зелено, да ја облечеме новогодишно, во долга тоалета од разнобојни лампиони, да ја украсиме со сијалички и снегулки, да ја помилуваме иако знае да боцне и да ја поставиме во центарот на нашата соба или живот.

На елката е некултурно, како на дама, да и се бројат годините и брчките, да ѝ се коментираат лифтинзите на лицето и зголемувањето на усните, дали е кич или со стил, на рамна или висока потпетица, дали е природна или вештачка, нова или стара, наивна или мудра, дали доаѓа од Норвешка или е наша, од Македонија .

Приказната е иста, во цел свет, шири оптимизам и радост, не собира околу неа, ни подготвува богата трпеза, ни отвара шампањско, и на полноќ не радува со подароци кои ги чекаме цела година.

Само еден поглед на елката и веќе се чувствуваме поубаво, една година помлади, а не постари, го чувствуваме мирисот на празниците, на цимет, на печени или варени костени, на греано вино или на топол чај.

Годината се троши, пролета за миг, со убаво, неубаво, со арно, со лошо, ни донесе нови пријатели и непријатели, изгубивме драги луѓе, нешто ќе паметиме, нешто ќе заборавиме, нешто ќе посакуваме да ни се повтори, нешто ќе сакаме да не ни се повтори, за нешто ќе славиме, а за нешто ќе жалиме.

Во годината што изминува, за нешто бевме храбри, за нешто бевме кукавици, за нешто премолчевме, за нешто излажавме, некому му помогнавме, некого го утешивме, некому му дадовме надеж, а некому му ја кажавме вистината.

Желби има колку што има луѓе на светот, и секоја желба е различна.

За некој среќа е малку, за некој многу, за некој нешто, а за некој-ништо.

Некој во Новата 2022 година ќе си посака мир, пари, помалку политика, повисок стандард, семејството и пријателите околу нас, а некој-само здравје.

Што и да посакате, нека силата биде со вас!