Елена Чуркоска, кајакарка: Недостигаат жени на раководни позиции во спортот
Кајакарката Елена Чуркоска (29) од Струга, која е дипломиран професор по физичко воспитување, е убавицата за јули од годинешниот календар на „Пелистерка“, кој на провокативен начин ги истакнува бенефитите на водата и ја слави убавината на жената. Убавата спортистка со исклучителни резултати навикнати сме да ја гледаме во спортско издание, но на календарот е исто така во спортски елемент, но совршено ги отсликува елеганцијата и убавината на спортот.
Елена ни ги откри тајните на топ-изгледот, но и на врвните резултати во спортот.
Колку години се занимаваш со кајак? На мирни или на брзи води?
– Со кајакот сум уште од кога знам за себе, имам слика со кајак на една година. Значи, 28 години сум со кајакот. Со оглед на тоа дека сум стружанка, тренирав кајак на мирни води.
Настапуваш за клуб или за репрезентација?
– Настапував за македонската кајакарска репрезентација на мирни води од 2002 година до 2010 година, а на клупско ниво настапував прво во клубот Црн Дрим – Струга, а потоа за клубот Струга од Струга. Сега сум генерален секретар на Македонската кајакарска федерација.
Твоите најголеми резултати?
– Хмм… бев државен првак во сите категории константно од 2002 до 2003 година во пионерска, а до 2010 во сениорска. Мој најдраг резултат е второто место на Отвореното државно првенство на бившите држави на Југославија, чинам тоа беше првиот медал на меѓународно ниво за кајакот на мирни води после подолго време затоа и многу ми е драг овој резултат. Како најголем резултат би го издвоила пласманот во полуфиналето на Светското првенство за јуниори во Сегедин, Унгарија, во 2006 г., пласманот во полуфиналето на СП за сениори во Загреб, бев првопласирана на Балканското првенство за сениори… Олимписка надеж и полуфиналист на Младинските олимписки игри во Лигнано, Италија…
Од каде љубовта кон спортот, особено кон кајакарството?
– Најверојатно оваа љубов кон спортот и кајакот е наследна. Потекнувам од фамилија каде што се негува спортот и здравиот начин на живеење. Дедо ми бил кајакар, потоа татко ми беше успешен кајакар, репрезентативец во бивша Југославија, неколку пати наградуван помеѓу најдобрите спортисти на Македонија и на Град Струга, меѓу најуспешните кајакари на ниво на Југославија во тоа време, и сѐ уште е спортски активен. Пред неколку години кога наполни 50 години ја заокружи својата кајакарска кариера со еден огромен подвиг, односно обиколка на Охридското Езеро Струга – Охрид – Подградец – Струга и е првиот кајакар кој го обиколил Охридското Езеро со кајак. Кога си опкружен со кајакарска атмосфера уште од самото раѓање, најверојатно неизбежно беше да се роди и кај мене љубовта кон овој прекрасен спорт во природа.
Што беше за тебе пресудно: здравјето, изгледот, резултатите?
– Пред сѐ редот во животот што се стекнува преку спортот и останува некако да трае засекогаш. Оттука доаѓа и балансираниот спортски живот кој придонесува за здрав, витален изглед и многу позитивна енергија. Секако, кога се занимавате активно и професионално со спорт, главен предизвик и мотив се резултатите… како да се натпреваруваш со секој последно постигнат резултат.
Колку ти се смени животот откако спортуваш?
– Животот не ми се смени, само доби насока и тек, што во тие години сметам дека е најважниот сегмент за секое дете. Кога почнав сериозно да се занимавам со кајакот како спортист, делумно се промени и моето секојдневие. Цел ден, цела недела, цел месец, цела година… сѐ е сведено на кајак, на тренинг.
Сега си генерален секретар на Кајакарската федерација на Македонија. Како е да си жена на функција во спортот кај нас. Кое е местото на жената во македонскиот спорт?
– Да се биде на позиција генерален секретар е навистина голема одговорност и беше голем предизвик за мене. Претходно работев во организација на настаните на Кајакарската федерација. Потоа се случи да бидам избрана како дел од раководството на КФМ.
Сега некако и се актуелизира темата за жена во спортот и тоа ме радува… Можеби ќе звучам малку феминистички, меѓутоа сметам дека недостигаат жени на раководни позиции во спортот. Кога станува збор за родовата еднаквост, сметам дека застапеноста на жените во спортот, во спортските федерации во Македонија е многу мала. Жените заслужуваат да бидат застапени во сите сегменти на спортските институции, да им се даде можност да учествуваат во идните спортски стратегии. Имено, веќе и светските и европските федерации, еве поточно за кајакарските, налагаат на зголемување на бројот на жени натпреварувачки, жени раководители во кајакарскиот спорт… Сметам дека со зголемувањето на застапеноста на жената во спортот на раководна позиција ќе се зголеми и интересот на женската популација за занимавање со истиот, особено кај оние спортови како што е кајакарскиот, кој го декларираат како машки спорт. Особено ме радува што веќе почнаа да се организираат конференции и трибини на тема „Жена во спортот“, а ја имаме и поддршката од Агенцијата за млади и спорт.
Те избраа за постерот на „Пелистерка“. Што за тебе значи еден ваков престижен настан?
– Со „Пелистерка“ соработуваме веќе неколку години. „Пелистерка“ ги поддржува настаните на Кајакарската федерација на Македонија и навистина е супер да наидеш на такво раководство со особен слух за спорт. Спонтано се случи и нашата соработка за календарот на „Пелистерка“. Она што особено го привлече моето внимание додека разговарав со Тања е и актуелната тема „Жена во спортот – вода за најдобрите“… Да се биде дел од еден ваков голем веќе докажан проект во нашава држава, кој е синоним за убавина, успех, навистина е задоволство, навистина едно прекрасно искуство, супер тим кој е вклучен во целиот проект…
Кое е твоето хоби и колку те интересира модата?
– Почитувам уметност, култура и културни настани, уживам да одам на театар, уживам во потрошено време на добра претстава, концерт или изложба, сакам да читам, и на крај успешен ми е денот ако сум го исполнила и со физичка активност, покрај сѐ друго.
Модата е составен дел од секоја урбана жена. Сметам дека за комплетен изглед на една жена, и тоа како влијае надворешниот изглед. Го негувам својот стил и ги следам модните трендови, уживам во купување, дури и на непотребни парчиња облека или додатоци.
Што им советуваш на девојките за топ-форма?
– Најпрво би им препорачала да се сакаат себеси, да си го организираат животот во согласност на обврските што ги имаат. Здравиот начин на исхрана и физичката активност да бидат дел од стилот на нивното живеење, а не епизода од една недела во нивниот живот.
Колку ја имаш поддршката од семејството?
– Најмногу на цел свет. Мојата најголема љубов, најголема поддршка е моето семејство – мајка ми, татко ми, сестра ми и новиот член на семејството, внук ми Максим. Навистина сум пресреќна што имам совршено семејство и им благодарам за тоа.
Лејла Сабит Фото: Ани Дими