ЕЛЕМ ќе продава вишоци електрична енергија


АД „Електрани на Македонија” објави продажба на вишоци на електрична енергија во вкупна количина од 102.720 мегават часови што ќе се продаваат во јуни, јули и август 2018 година. За јуни ЕЛЕМ за продажба нуди 43.200 мегават часови, за јули 29.760, а за август 29.760 мегават часови електрична енергија.

Објавата и деталите за продажбата се дадена на веб страницата на АД ЕЛЕМ.

Продажбата, како што информираат од компанијата, ќе се одржи во четврток на 3 мај во просториите на Дирекција на АД ЕЛЕМ – Скопје, по пат на аукциско наддавање, од страна на лиценцираните трговци и снабдувачи со електрична енергија со кои АД ЕЛЕМ има склучено рамковни договори.

– Најавената продажбата ќе овозможи зголемување на производството на АД ЕЛЕМ во обем на наведените количини, зголемување на портфолиото на компанијата и подобрување на финансиската состојба.
Исто така, сакаме да нагласиме дека во исто време снабдувањето со електрична енергија за тарифните потрошувачи – домаќинствата и помалите компании на регулираниот пазар за електрична енергија се одвива редовно и во согласност со потребите, велат од АД ЕЛЕМ.

Продажбата на вишоци на електрична енергија, која е огласена денеска, додаваат, е прва по подолг временски период. Прецизираат дека  АД ЕЛЕМ последен пат продала вишоци од своето производство во 2016 година во вкупна количина од 16.000 мегават часови.