Електронска наплата на патарина од мај


Електронската наплата на патарините на Коридорот 10 ќе почне од мај. Иако беше најавено дека модернизацијата, со која требаше да се надминат долгите редици за плаќање, ќе стартува уште минатото лето, проектот се заглави во реконструкцијата на рампите. Градежните работи на патарините кај Велес, Сопот и Отовица и Романовце веќе се завршени, а во завршна фаза е и Петровец. Се чека да се доврши и патарината кај Градско која би била готова за месец и половина.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вчера информира дека сообраќајот на сите наплатни станици на автопатиштата ќе се следи преку Центар за мониторинг и контрола. Објектот во моментов се гради спроти патарината Петровец и ќе биде готов идниот месец. Тој е последната инвестиција пред да започне електронската наплата на Коридорот 10.

„Во мај треба да биде пуштена новата патарина кај Гевгелија, а до јуни и таа кај Демир Капија. На автопатот Миладиновци-Штип, кој треба да биде пуштен наскоро, на почеток ќе се вози бесплатно бидејќи допрва ќе стартува изградбата на двете планирани патарини. Со пуштањето на Центарот ќе се олесни протокот на возилата на патарините и ќе се намали метежот, особено во летниот период“, рече Сугарески.

Според директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, контролниот центар е граден според примерот на европскиот модел за контрола на сообраќајот. Инвестицијата изнесува 18,6 милиони евра и штом ќе завршат сите процедури во овој објект, ќе стартува електронската наплата.

„Преку Центарот ќе се контролираат сите патарини на коридорите 10 и 8, а со него ќе бидат поврзани и камерите што во иднина треба да бидат поставени покрај сите автопатишта и контролните пунктови во Неготино кај автопатот Демир Капија-Смоквица и тој што ќе се гради во Кичево за автопатот кон Охрид. Има и посебен кол-центар каде што ќе може да се пријават проблеми на патиштата. Од Центарот ќе може да се контролира и мониторира целиот сообраќај во Македонија. Што било да се случи, навреме ќе може да се пренасочи сообраќајот и да се интервенира“, рече Китанов.

Тој информира дека кон крајот на април или почетокот на мај ќе завршат градежните активности на рампата кај Гевгелија. Што се однесува до новата рампа кај Демир Капија, Китанов вели дека се соочуваат со проблем при реализацијата, се работи на отстранување на свлечиште и се очекува рампата да биде готова до јуни.

„Во меѓувреме кога ќе го пуштиме новиот автопат Миладиновци-Штип, очекуваме сите што патуваат во Источна Македонија да го користат него, што ќе значи дека прометот на рампите Сопот и Отовица ќе опадне. Патарините на овој автопат почнуваат да се градат сега, затоа што претходно не биле проектирани и не биле извадени дозволи за градба“, појасни Китанов.

Откако ќе стартува на Коридорот 10, електронска наплата ќе се воведе и на Коридорот 8. На патарините веќе се поставени нови кабини, а претстои и промена на софтверот и поставување камери за категоризација и читачи. (С.Н.)