Екс-директорот на Драмски театар бара поништување на програмата за култура
Поранешниот директор на Драмски театар од ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Вељаноски реагира на резултатите објавени во Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во областа на култура. тој смета дека таа е безидејна, неправична, популистичка и не поддржува рамноправен културен развој во Македонија. Според него, истата треба да биде повлечена, конкурсот да биде поништен и да се почне постапка за изготвување на нова програма.
– Програмата е одраз на задоволување на апетитите на подобните соработници на Заев чии долгови се подмируваат со пари на граѓаните. Нетранспарентноста на критериумите согласно кои се одобрени проектите и распределени средствата, ни дава за право, да заклучиме дека основните критериуми и начела за распределба на проектите се пред се политички, а дури потоа естетски. Најгласните експоненти на таканаречената „Шарена револуција“ се застапени со два, три или четири проекти, а се кратат или се одбиваат голем број значајни проекти. Министерството за култура поделило пари и за проекти во кои фигурираат и членови на комисиите, а финансиска поддршка е предвидена и за проекти зад кои стојат членови на Советот за култура на министерството – вели Вељаноски.
Тој вели дека најтрагични се оправдувањата дека биле направени само технички пропусти.
– ВМРО-ДПМНЕ бара Владата и Министерство за култура под итно да ја повлечат Годишната програма и да отпочнат постапка за изготвување на нова програма за 2018-та согласно декларираните принципи на правичност, диверзитет во распределбата и силна поддршка за уметниците и културните работници, а согласно интересот на сите граѓани на Република Македонија – вели Вељаноски.