ЕДС: Со невистините ВМРО-ДПМНЕ нанесува штета, или да понуди докази или да се извини


Компанијата ЕДС ги повикува сите политички субјекти да се воздржат од какви било политички изјави за ЕДС како економски субјект и посочува дека како компанија ниту сака, ниту има намера да биде предмет на политички препукувања.

Ова е реакцијата на компанијата ЕДС на вицепремиерот Кочо Анѓушев на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека разликата од реалната и продажната вредност на фирмата на Анѓушев би можела да биде надомест за промената на името на Македонија.

Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција изјави дека Кочо Анѓушев е еден од побогатите бизнисмени и трговци во Македонија, но во моментов Кочо Анѓушев е и втор човек во македонската влада. Тој добива пари од граѓаните, има огромна моќ, но и голема одговорност. Затоа неговите изјави и потези не смее да се сфатат наивно и несериозно. Тие се практично ставови и чекори на македонската влада. Во идеална ситуација тие мора да бидат на линија на македонските државни и национални интереси, истакна Христијан Делев на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

-Целата јавност беше сведок дека Анѓушев од позицијата вицепремиер срамно лицитираше со имиња за Република Македонија и кажа дека за него е прифатливо промена на името на државата. Тој дури и нафрлаше и имиња Горна, Северна и Нова Македонија, кои како што кажа за него се прифатливи. Набргу по ваквата изјава на вицепремиерот Анѓушев, следеше информација дека грчката државна компанија за производство на електрична енергија ќе ја купува ЕДС на Кочо Анѓушев, информација која ја потврдија и од фирмата на вицепремиерот, рече Делев и додаде. Според него мошне симптоматично е што истовремено додека засилено се одвиваат преговори помеѓу Грција и Република Македонија, во услови кога Заев е убеден дека ќе го реши името, а Анѓушев лицитира со имиња на државата, неговата фирма е предмет на интерес токму на грчкото електростопанство.

-Кочо Анѓушев мора да ги отстрани сите сомнежи дека продажбата на неговата фирма би се користела за евентуална награда за решавање на спорот за името по волја на Грција. Тој треба да каже на јавноста која е реалната вредност на неговата фирма? Постои сериозна загриженост во јавноста дека разликата од реалната и продажната вредност би можела да биде надомест за промената на името на Македонија? Порача Делев на предс конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ЕСД веднаш реагираа со ставот дека секоја приватна фирма во процес на продажба има право да преговара со заинтересирани купувачи.

-Грчката ППЦ со ЕДС најде интерес за ширење на своето портфолио, а ЕДС зад себе ќе има голема интегрирана енергетска компанија со сопствено производство на електрична енергија, со што ќе се зголеми конкурентноста на пазарот и ќе се обезбедат уште подобри услови за своите клиенти, велатсе вели во реакцијата на ЕДС.
Додаваат дека секоја фаза на продажбата како и досега ќе биде објавена транспарентно. Постапката, оценуваат, е сериозна и е водена од релевантни меѓународни ревизорски куќи.

Потсетуваат дека целиот процес на продажба започна поради вклучувањето на сопственикот на ЕДС, Кочо Анѓушев во извршната власт. Одлуката за продажба донесена пред неколку месеци е со цел да се избегне секаков судир на интерес на компанијата со вршењето на функцијата вицепремиер.
Сметаат дека секое поврзување на овој процес со национални и стратешки интереси на државата од страна на политичарите може да се третира само како несериозно, бидејќи националните и стратешките интереси немаат цена.

– ВМРО-ДПМНЕ со неодговорното искажување невистини нанесува штета на угледот и честа на ЕДС и затоа го повикуваме истите или да ги поткрепи со докази и факти или да понуди јавно извинување кон ЕДС. ЕДС ќе направи сè да го зачува брендот и угледот што го изгради како регионално силна компанија, посебно кога станува збор за изјави на економски неискусни и економски неписмени политичари, стои во реакцијата.