Еден од десет возрасни има болест на бубрезите


Еден од десет возрасни има некој стадиум на хронична бубрежна болест. Повеќето луѓе немаат симптоми се додека болеста не напредне. Човекот може да изгуби и до 90 отсто од функцијата на бубрезите без да почувствува значајни симптоми. Според некои истражувања ризикот од развој на хроничната бубрежна болест може да биде поголем кај жените отколку кај мажите.

Ова го посочуваат од Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, кое денеска организира настан по повод одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот под мотото „Бубрезите и здравјето на жените“. Кампањата по повод Светскиот ден е посветена на подигање на глобалната свест за важноста на здравјето на жените, посебно здравјето на бубрезите.

Сепак во светски рамки бројот на жени на дијализа е помал од бројот на мажи. Трансплантацијата на бубрег е исто така нееднакво застапена кај двата пола главно поради социјални, културни и психолошки аспекти, па жените почесто ги донираат бубрезите, а имаат помалку шанси да ги добијат, истакнуваат од Здружението.

Според податоците во Република Македонија има околку 1.600 пациенти со краен стадиум на хронична бубрежна болест, кои се лекуваат со некој од тераписките модалитети: дијализа или транспантација на бубрег. Од нив 1.350 се пациенти на дијализа, а околу 250 лица имаат трансплантиран бубрег.

Од Здружението посочуваат дека навремената дијагноза е клучна и затоа од особена важност е да се подигне свесноста кај населението за хроничната бубрежна болест, а навремените и редовните прегледи и избегнувањето ризици може да ја спречат и забават прогресијата на ХББ, чиј краен стадиум бара неопходно лекување со дијализа или трансплантација.

Жените за разлика од мажите поради бременоста се изложени на дополнителни ризик фактори за развој на бубрежна болест, преекламсијата, септичкиот абортус и постпарталното крварење се водечки причини за развој на акутна бубрежна слабост кај млади жени. Сепак и кај жените со краен стадиум на бубрежна болест, регуларна дијализа и успешна трансплантација може да ги зголемат шансите за успешна бременост, која треба да биде планирана и следена, наведуваат од Здружението.