Едвај половина граѓани се регистрирале во УЈП


Во наредните 20-ина дена во Управата за јавни приходи треба да се регистрираат уште 400.000 граѓани во системот за е-Персонален данок.

„Се приближуваме до 50 проценти на оние што очекуваме да се регистрираат. Најголемото темпо вообичаено е во последните денови пред истекот на рокот“, изјави директорката на УЈП Сања Лукаревска, апелирајќи граѓаните да ја исполнат обврската и потсетувајќи дека шалтерите на УЈП се отворени и во саботите.

За да може Даночната управа да им ја достави пополнетата годишна даночна пријава за персоналец на увид на граѓаните, тие мора да се регистрираат на системот e-pdd.ujp.gov.mk, со своја и-меил адреса и основни податоци, да го отпечатат барањето за регистрација и потоа да го однесат лично до најблиската канцеларија на УЈП. Ваква обврска имаат сите граѓани, освен пензионерите кои примаат само пензија.

Инвалидите и другите лица што имаат проблеми со движењето не мора да одат во УЈП.

„Има мобилни екипи кои одат кај даночни обврзници. Доколку тие лица остварат контакт со некој од нашите службеници, веднаш одиме на терен и го спроведуваме регистрирањето. Задолжително е, законот така предвидува, секое физичко лице да се регистрира во овој систем, освен што ги ослободивме пензионерите коишто остваруваат само пензија“, објасни Лукаревска.

Лица што во моментов примаат само социјална помош, односно немаат никаков приход, во принцип не треба да се пријават, но Лукаревска укажа дека „сепак добро е да се регистрираат, да ги имаме во системот затоа што од година во година состојбата кај секое физичко лице се менува во делот на остварувањето на приходите“.

Од Управата за јавни приходи велат дека се подготвени и за другата голема реформа – стартот на прогресивното оданочување од наредната година. Пред Нова година ги очекуваат подзаконските акти и правилниците според кои УЈП треба да постапува.

„Во секоја нова реформа, во почетокот се очекуваат тешкотии поради нејаснотиите кои ќе се јават кај даночните обврзници. Основна задача на фирмите е да го адаптираат софтверот во делот на платите. Сите други операции се во домен на УЈП. Недостасува кадар во ИТ-секторот на УЈП, но очекуваме дека ќе има нови вработувања, а ќе побараме и помош од ИТ-секторот во Министерството за финансии, бидејќи сепак сме заедно во целата реформа“, рече Лукаревска. (А.С.)