Европските новинарски здруженија се загрижени за состојбата на медиумите во Србија
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Мекалистер и повеќе европски новинарски здруженија изразија загриженост за состојбата во која се наоѓаат медиумите во Србија.
Мекалистер за опозициониот весник „Данас“ изјави дека на Србија и е потребен јасен напредок во почитувањето на независноста на медиумите, решавање на заканите и нападите врз новинарите, како и воспоставување на поволен плуралистички амбиент во медиумската сфера.
Тој потенцираше дека е важно да се зголемат напорите особено на полето на реформите во правосудството, борбата против корупцијата и основните права на малцинствата.
– Постои потреба да се одржи и негува просторот за политички дијалог, критичка дискусија и дебата, како и изразување на спротивставени мислења, изјави Мекалистер во врска со задачите на Србија за Поглавјето 23 во преговорите со ЕУ.
Во исто време, заедничката мисија на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Меѓународниот институт за новинари (ИПИ) и Организацијата за медиуми на Југоисточна Европа (СЕЕМО), која минатата недела ја посети Србија, изрази загриженоста за состојбата во медиумите во земјата и објави почетни препораки, меѓу кои главни се дека сите државни органи треба сериозно да ги истражат нападите врз новинарите и дека власта мора да покаже почит кон медиумскиот плурализам и независноста.
Според соопштението на Здружението на новинарите на Србија (УНС), на прво место е препораката за безбедност, во која се бара сите државни органи сериозно да ги разгледаат случаите на насилство и малтретирање на новинарите и веднаш да реагираат, додека српската влада мора да преземе мерки за решавање на претходните случаи на насилство врз новинарите.
– Во принцип, препорачуваме властите на сите нивоа на Владата на Србија да испратат јасен сигнал и без никакви услови да ги осудат сите напади врз новинарите, се вели во соопштението.
Во втората препорака се наведува дека официјалните лица мора да се воздржат од активности кои имаат ефект на делегитимизирање на критички новинари, почнувајќи од вербални напади и да мораат да испратат “јасни сигнали дека новинарите имаат право да ги истражат активностите на оние кои се на власт”.
ЕФЈ во останатите препораки оцени дека пристојните услови за работа, остварени преку колективните договори се предуслов за вршење на новинарската работа, како и дека мора да се почитува пристапот на медиумите до јавните информации.
– Наш став е дека исполнувањето на овие препораки, кои се вообичаени, придонесуваат за подобро опкружување за новинарство во Србија, во кое новинарите можат да ја вршат својата работа, вклучително и истраги за активностите на оние кои се на власт, без малтретирање, напади, закани и кампањи на оцрнување. Демократијата цвета тогаш кога и слободното и независно новинарство напредува, се вели во соопштението.