ЕВН и ЕЛЕМ Трејд единствени во трката за универзален снабдувач со струја


ЕВН Македонија и ЕЛЕМ Трејд ќе се борат за ексклузивно право да бидат Универзален снабдувач на домаќинствата и фирмите кои нема да тргуваат на слободниот пазар со струја.

Актуелниот снабдувач понуди 14,4% бруто маржа, а пак ЕЛЕМ Трејд 14,9%.

-Во согласност со тендерската документација беа прочитани следните елементи на понудите, понудена бруто маржа и доставена банкарска гаранција. По отварањето на двете понуди Претседателот на Комисијата констатираше дека и во двете понуди е доставена валидна оригинална банкарска гаранција, додека понудената бруто маржа наведена во понуда доставена од група на понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување е 14,4 отсто, додека понудената бруто маржа наведена во понудата на ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ е 14,9 проценти, соопшти Кабинетот на вицепрмиерот Анѓушев.

Следува фаза на евалуација на понудите, односно проценка на нивната економско-финансиска и техничката способност. По завршување на евалуацијата што максимално може да трае 86 дена, доколку компаниите ги исполнуваат условите, ќе бидат поканети да учествуваат на електронска аукција, по принцип на негативно наддавање на понудената маржа, а почетна маржа ќе биде пониско понудената маржа од двете понуди. Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде избран за најповолен и ќе биде поканет да го потпише договорот за Универзален снабдувач со електрична енергија.

Од Нова година либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија пристигнува и до домаќинствата како потрошувачи. Граѓаните ќе можат ако сакаат, но и не мораат, сами да побараат снабдувач со струја на слободниот пазар.