До јуни рок за општините да одлучат како ќе се гасифицираат


Владата ги притисна општините – мора до јуни да се изјаснат како ќе ја туркаат гасификацијата. Тоа е рокот што го имаат за да одлучат дали сами ќе ја прават дистрибутивната мрежа со која гасот треба да стигне до крајните корисници или тоа ќе ѝ го препуштат на централната власт.

„Ако општината има капацитет, може да ја изгради со кредитот што го обезбедивме од ЕБОР. Доколку не, дистрибутивната мрежа ќе се гради со јавно-приватно партнерство. Посебна владина комисија ќе биде задолжена за спроведување на постапката за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на новиот систем за дистрибуција на природниот гас“, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Одлуката за довршување на последната фаза од гасоводниот систем преку јавно-приватно партнерство била донесена затоа што станува збор за скапа инвестиција, за која општините, генерално гледано, ниту имаат пари ниту стручен кадар. Секоја општина треба да изгради посебен диспечерски центар, систем за надзор, за плаќање, да обезбеди одржување на мрежата. Затоа, идејата е да се одбере сериозен приватен инвеститор, кој би влегол во јавно-приватно партнерство, со обврска за 3-4 години гасот да стигне до секој корисник. А, бидејќи пазарот е либерализиран, доколку општината најде друг начин на реализација, тоа се овозможува.

Но од средина на годината мора да биде расчистено секоја општина на кој начин ќе се гасифицира, дециден е Анѓушев.

Во делот на примарната мрежа, Владата планира оваа година да заврши проектирањето и тендерската постапка, а од следната да почне изградбата на гасоводот кон Грција. Обезбедени се пари од грант во рамките на Берлинскиот процес, и веќе се разговара од Европската инвестициска банка да се обезбедат средства за финансирање на тој гасовод.

Во вториот дел, довршувањето на магистралните водови низ Македонија, во тек е изградбата на двата крака: Штип-Неготино-Битола-Прилеп и Тетово-Гостивар. Оваа година ќе почне и кракот кон Кичево и проектирањето на кракот кон Велес.

(А.С.)