До референдумот и по него


 

Никола Поповски

 

Податоците за движењето на економијата во Македонија ни даваат различни сигнали од кои не е можно едноставно и лесно да се добие сликата за тоа што, всушност, се случува и во кој правец таа се движи. Веројатно е дека периодот на транзиција од една економска позиција што ја имавме со претходната влада и нејзиниот начин на управување кон нова и поинаква нема да биде ни брз како што се мислеше, ниту едноставен. Трагите од нејзините 11 години и свеста за тоа што треба државата да претставува во економскиот живот уште долго ќе нѐ следат. Особено што клучните промени треба да се случат од луѓе кои, со многу мали исклучоци, и немаат некоја чиста концепција за тоа што треба да прават, туку само мислат дека треба да го продолжат истото, но да се подобри во тоа. Стратешки недоволно обмислено, а концепциски погрешно.

Да се вратиме на сигналите што се емитуваат од официјалните податоци. Прво, на сите ни е познато дека движењето на БДП е многу проблематично и дека тој веќе пет квартали по ред (I-II-III-IV 2017 и I во 2018) покажува знаци на целосна стагнација со негово движење во маргините од -1,3 отсто до +1,2 отсто. Кумулативно, реалниот БДП стагнира на границата од 0 отсто цели 15 месеци. Проекциите за раст од над 3 отсто годишно барем сега се чинат недостижни. Факт е дека во последно време многумина од надлежните во земјава ни соопштуваат дека имаат реални очекувања дека во „преостанатите три квартали од 2018 година“ растот ќе се зголеми значително и на годишно ниво ќе го достигнеме проектираниот раст. Добро би било тоа да е така, но не е лошо да се потсети дека од тие „преостанати три квартали од 2018 година“ вториот веќе заврши во јуни, а третиот завршува на крајот на септември и дека ние веќе нема што да правиме освен да ги чекаме податоците и да се надеваме за нешто што веќе поминало. Во моментов, четвртиот последен квартал треба да е предизвик.

Наспроти ова, феноменот на постојан пад на невработеноста без разлика на тоа како ни се движи нивото на економските активности, односно растот на производството во земјава, продолжува веќе 13. година. Таа сега е сведена на околу 21-22 отсто и најверојатно ќе продолжи да се намалува до нивото под 20 отсто, пред сè, како резултат на миграциските, а не инвестициските активности на економијата во отворањето на нови работни места. Фактот што македонската економија не покажува типични и логични знаци на флуктуација на стапката на невработеност заедно со флуктуацијата на БДП е среќна околност.

Уште посреќен е фактот дека цените и нивото на трошоците на животот се стабилни и дека стапката на инфлација е на многу ниско и прифатливо ниво. Се разбира, необичниот факт дека во период од три години (2014-2015-2016 година) имавме состојба на годишна дефлација од -0,3; -0,3 и -0,2 отсто е нешто што треба допрва да се преоцени. Овој феномен никој досега не го истражи и не ни соопшти какви евентуални последици имаа тие три години врз националната економија. Како резултат на тоа, и каматните стапки во економијата се спуштија на многу ниско ниво, кое сè уште опстојува без разлика што каматните стапки во светот полека почнаа да се зголемуваат.

Во оваа пригода, со најискрени, најдобронамерни и најчесни професионални мотиви би сакале, на ниво на дебата, да отвориме и едно прилично скромно дискутирано прашање во нашата економија – каква улога има нивото на каматната стапка на благајничките записи на НБМ, па и на државните записи на Министерството за финансии врз процесот на инвестирање, но и врз процесот на штедење во нашата економија. Имено, константното намалување на референтната каматна стапка на НБМ (сега е спуштена на историско најниско ниво од 2,75 отсто) е добро за процесот на инвестирање и врши притисок врз финансискиот капитал да бара канали за повисоко сопствено ниво на оплодување со пласмани во приватните бизниси, но таа го намалува и интересот за штедење на домаќинствата, бидејќи тоа го потиснува на ниво на камата од околу два отсто годишно, што станува релативно неисплатливо и може да ги втурне домаќинствата кон поголема потрошувачка или кон купување на долари и евра чија сигурност може да стане многу поголема, иако каматите на тоа штедење се безначајни.

Трета опција би било домаќинствата да ги претвораат своите заштеди во хартии од вредност со повисок принос (на пример, акции), но тоа од макроекономска гледна точка е „вртење во круг“, бидејќи во Македонија ниту едно акционерско друштво никогаш не прибегнало кон емисија на акции како извор за свое финансирање наспроти земањето банкарски кредити. Колку што ми е познато, досега имаше само 2-3 такви обиди и тие завршија неуспешно. Овие процеси по референдумот од 30 септември можат да добијат различен квалитет зависно од референдумските резултати.

Едновремено со претходните контроверзни показатели се случува и еден магловит и недоразјаснет процес на пазарите на капиталот. По ентузијастичкиот раст на берзата во првата година од доаѓањето на власт на новата влада, кога берзанскиот индекс МБИ-10 порасна за над 30 отсто, сега се соочуваме со негово стагнирање. Имено, од втората половина на јуни па сѐ до денес тој е закован на истата вредност. Толкувањето може да е двострано: прво, финансиските резултати на котираните друштва по објавувањето на извештаите за вториот квартал, а со тоа и за првите 6 месеци се недоволно добри; и второ, неизвесноста од успехот на референдумот ги држи перспективите на компаниите на берзата, а со тоа и инвеститорите на берзата, во сопствена неизвесност. Веројатно вистината е повеќе во второто, но не треба да се отфрлат и другите причини.

Понатаму на пазарот на капитал се случува уште нешто интересно. Според податоците на НБМ, странските директни инвеститори радикално го зголемија своето инвестирање во земјава, за што говори и рекордниот податок за нивото на СДИ од 397 милиони долари во првите шест месеци од годинава. Но, истовремено, од економијата се одлеани странски портфолио инвестиции во висина од 456 милиони долари и дополнителни 260 милиони долари доход, што странските инвеститори не го реинвестираат или чуваат во Македонија туку го повлекуваат во своите земји. Дали неизвесноста околу референдумот и тука има некакво влијание или причините се чисто економски? Тоа допрва ќе го видиме.

Конечно и активностите на толку критикуваниот јавен сектор се движат по некоја чудна патека. Приходите на владата се задоволителни во рамките на проекциите, но нивното трошење е драматично надвор од проекциите. Трошоците за компензации на разните структури на население (и гласачи!) постојано растат и секој ден сме сведоци на ветување и исплати на дополнителни средства на оние што на слободниот пазар не успеале да се снајдат со своето производство или приходи – земјоделци, јавни претпријатија без приходи, невработени лица, синдикати на работници што не добиваат редовна или доволна плата итн. Од друга страна, капиталните трошоци се остваруваат со многу ниска динамика и создаваат преголема, но неизвесна ликвидност на буџетот.

Сите овие економски движења и други за кои нема простор тука да бидат елаборирани покажуваат голема неизвесност, нелогичности и флуктуации. Дали можеби огромната лавина од неизвесност која се тркала со референдумот и неговиот (не)успех е една од причините? Веројатно, да. Очекувањата на бизнисите, инвеститорите, претприемачите, потрошувачите и другите актери во економијата, вклучувајќи ја и државата, отсекогаш биле клучен фактор без разлика дали тие се потпираат на економски или неекономски очекувања. Референдумот за договорот од Преспа е класичен пример за еден од таквите.