Доктор Груевски


Никола Груевски не е веќе премиер ниту лидер на ВМРО-ДПМНЕ… По долгогодишниот стаж на „Илинденска“, му остана само уште пратеничката функција, која не баш редовно ја извршува – освен кога треба да му ја истури чашата со вода на спикерот Талат Џафери или да одржи говор против Владата на Зоран Заев.

Неговите пратенички отсуства се и разбирливи до некаде со оглед на честите обиколки на Груевски на Кривичниот суд. Но сега се виде дека, покрај присуствата на судските рочишта, поранешниот премиер бил зафатен и со пишување стручни трудови од областа на економијата. Тој, веројатно, наскоро ќе се закити со нова титула – доктор по економија.
На 6 јули Груевски ќе треба повторно да ја помине неговата највообичаена релација во последената година – од улицата „Бихаќска“ (каде што нели живееше и додека беше премиер, а ја прекрсти во „Павел Шатев“), па некаде до ТЦ „Мавровка“. Со тоа што овој пат ќе ја заобиколи Судската палата, за неколку десетици метри подалеку – на Економскиот факултет да го прими докторскиот „сертификат“.

Информацијата дека поранешниот (долгогодишен) премиер се подготвува да брани докторска дисертација на УКИМ го пренасочи вчера за кратко фокусот од договорот за името со Грција, кој веќе неколку седмици е топ-тема не само во медиумските и политички кругови, туку и на социјалните мрежи. Една ваква вест, можеби, немаше да биде толку бомбастична доколку Груевски, во изминатата една и пол деценија, имаше некоја порегуларна политичко-образовна траекторија, поточно доколку неговите едукативни постигнувања не се испреплетуваа со подемите и падовите во неговата политичка биографија.
Ако Груевски не влезеше во политиката, а потоа и во премиерскиот кабинет, единствено со диплома од Економскиот факултет во Прилеп, за што беше често задеван од неговите критичари – поради тоа што како роден скопјанец отишол да студира во внатрешноста, тогаш можеби немаше да биде доживеано како изненадување неговото докторирање по заминувањето од политичкиот врв во земјава. Впрочем, и неговата „прилепска диплома“ не беше проблем за тој да извршува премиерската функција, сѐ додека среде еден од мандатите на „Илинденска“ не се обиде да ја импресионира јавноста со магистерска титула од скопскиот универзитет. Но, наместо очекуваните ловорики, тогашниот премиер наиде на критики од типот „со кој просек дипломирал за сега да може да магистрира“ или „зошто, ако имал толку знаење, не магистрирал додека немал политичка моќ и влијание“…

Сега Груевски нема моќ како некогаш да влијае на политичките процеси и евентуално на неговите ментори и професори од Економскиот факултет пред кои ќе треба да ги одбрани тезите од својот докторски труд, наводно, напишан на 313 страници. Сепак, податоците дека тој го пријавил докторатот пред четири или пет години, што значи додека бил сѐ уште на премиерската функција и дека дел од професорите пред кои ќе ја брани дисертацијата се некогашни советници во неговиот тим, се доволни за да фрлат сенки на сомнежи врз неговиот најнов образовен напредок. Ако се оди по таа „математика“, амбицијата на Груевски да стане доктор по економија, можеби, временски се поклопува со периодот кога низ скопските улици се одржуваа студентски протести поради загрозувањето на универзитетската автономија и најновите образовни реформи, а кои наидоа на широка поддршка од универзитетските професори – веројатно со исклучока на оние што фигурираа во советничката клика на тогашниот премиер.

Во секој случај, претстојната одбрана на докторскиот труд ќе претставува своевидно освежување во редовната агенда на Груевски, особено во последните месеци кога тој најмногу време поминува во судница. Така, тој и стана вториот осуден поранешен премиер на Македонија, по Владо Бучковски, кој исто така е доктор на науки, но и истакнат универзитетски професор – титули што, за разлика од неговиот наследник на „Илинденска“ ги имаше уште пред да влезе во високата политика. Но академските звања нема значење при утврдувањето на кривичната одговорност на Бучковски за случајот „Тенковски делови“. Така и докторската дисертација веројатно нема да му помогне на Груевски да избегне одговорност за неколкуте случаи во кои тој е обвинет, а што произлегоа од аферата со прислушувањето.