Докиќ: Секој трет Македонец има алергии


Трендот со алергии зема се поголем замав, така што во 2018 година, речиси секој трет, четврти Македонец ќе има некаква алергиска манифестација, изјави денеска проф. д-р Дејан Докиќ, на промоцијата на учебникот „Алергологија“ на Медицинскиот факултет во Скопје.

– Алергиите во Македонија, земајќи ја предвид претходната епидемиолошка студија од Институтот за медицина на трудот од 2003 година, имаат тренд на двојно зголемување, од 11,5 проценти сега имаме 25,1 процент, а годинава овој тренд ќе биде уште поголем, рече Докиќ.

Според него, тоа се огромен број пациенти и оттука произлегол притисокот и потребата да се направи еден ваков учебник, каде што ќе можат сите лекари да се справат со се поголемиот прилив на пациенти кои имаат алергија.

Околу 90 отсто од алергиите припаѓаат на два вида, а тоа се полен од трева и корови, и алергени од домашната прашина.

Прашан за состојбата на Клиниката за пулмологија и алергологија, во деновите кога во Скопје беше многу загаден воздухот, Докиќ рече дека алергиите, особено оние од доменот на домашна прашина и целогодишните, се асоцирани со аерозагадувањето, бидејќи загадувањето на воздухот ги влошува симптомите на алергиските манифестации.

– Во овој период се во актуелна фаза, и заради аерозгадувањето имаме поголем број пациенти кои се примени на нашата клиника, се надевам тоа ќе биде краткорочно, и дека со промена на климатските фактори дека и тој момент ќе го надминеме, вели проф. д-р Докиќ.

Тој истакна дека за првпат во Македонија се објавува книга „Алергологија“, којашто на едно место систематски и клинички ориентирано се опишани сите алергиски болести.

– Досега нашиот наставен план беше таков да одделни делови од алергологијата се опишувани во различни предмети од Медицинскиот факултет што се изучуваат, меѓутоа сето тоа се секвенци, а тие имаат една заедничка особина тоа една брза алергиска реакција во основата на сите алергиски болести, само што различно се манифестираат со различни симптоми, на различни органи, рече Докиќ.

Во учебникот на едно место, пред се лекарите, за постдипломците, докторантите и сите оние доктори кои имаат во секојдневната практика пациенти кои боледуваат од алергија, можат да стекнат информации и на тој начин да можат да им помогнат на илјадниците свои пациенти во својата пракса да имаат подобар и поквалитетен живот.

Академик Момир Поленаковиќ промовирајќи ја книгата „Алергологија“ од проф. д-р Докиќ и соработниците, истакна дека алергиите се болести на 21 век, кои треба повеќе да се изучуваат, и овој учебник дава придонес подобро да ја разбереме алергологијата и како да се бориме со болеста.

Деканот на Медицинскиот фалкултет Соња Топузовска истакна дека драматичниот развој на алергологијата во изминатите години ја наметнуваат потребата знаењата на клиничарите во практика постојано да се усовршуваат и дополнуваат, а токму оваа книга „Алергологија“ овозможува увид во најсовремените дијагностички методи и тераписки протоколи за најголем број значајни алерголошки состојби.