Доењето ги штити мајките од дијабетес и од рак


Според една нова студија, жените што ги дојат своите деца 6 или повеќе месеци имаат двојно помали шанси да заболат од дијабетес. Наодите се базираат на 30-годишни студии кои вклучуваат повеќе од 1.200 Американци, а се објавени во „Journal of the American Medical Association“ (JAMA).

„Најдовме многу силна врска меѓу времетраењето на доењето и понискиот ризик од развивање дијабетес, дури и откако ги зедовме предвид сите можни ризик-фактори“, рече раководителот на тимот Ерика Гундерсен. Студијата откри дека кај жените што дојат 6 месеци или подолго ризикот за појава на дијабетес тип 2 е 47% помал во споредба со жените што воопшто не ги дојат своите деца. Кај жените жените што дојат половина година или помалку, ризикот е помал за 25%.

Истражувачите веруваат дека доењето може да влијае преку хормони кои дејствуваат на панкреасот и ги контролираат нивоата на инсулинот и шеќерот во крвта. „Случаите на дијабетес се намалуваат постепено со зголемувањето на времетраењето на доењето, без оглед на расата, гестацискиот дијабетес, начинот на живот, телесните пропорции и други метаболички ризик-фактори пред бременоста“, рече Гундерсен.

Претходните студии покажаа дека доењето има и други долготрајни позитивни ефекти за мајките, кои вклучуваат помал ризик за развој на рак на дојка и на јајници.