ДИК си плати за бонусите


Слободанка Јовановска

И покрај увереноста дека си ја заслужиле наградата, три члена на Државната изборна комисија вчера си поднесоа оставки на функцијата. Александар Чичаковски, Игор Милев и Виолета Дума не го издржаа притисокот на јавноста, или на партијата, и повлекоа потег со кој треба да си го обелат образот пред нацијата.
Нивната одлука од Владата ја поздравија речиси како херојски чин, иако општиот впечаток е дека таа не е одраз на одеднаш откриените морални принципи на претставниците во ДИК, туку на притисокот. Сега се чека потегот на останатите шестмина, меѓу кои и на претставничката со име кое најдобро се римува со бонусите, Силвана Бонева, зад која има долг историјат на земање надувани и незаслужени патни и други трошоци и дневници. И со нив и без нив, ова е голема победа на јавноста во Македонија која покажа висок праг на нетолеранција за привилегиите и злоупотребите откако по десет години мафијашко владеење на претходната гарнитура поверува дека доаѓаат ново време и нови стандарди во Македонија. Оставките под притисок во ДИК се пред сѐ порака до новите функционери и до премиерот Зоран Заев кој, наспроти силната реторика, досега не покажа ама баш никаква решителност да ги пресече во корен појавите поради кои неговиот претходник деновиве си дава оставка во партијата и е на пат да замине во историјата.
Како што се очекуваше, ДИК го плати цехот за сите оние што ги помешаа функциите со привилегиите, што не прават разлика меѓу заработени пари и тие добиени од даночните обврзници, и што не прават разлика меѓу ангажман во интерес на нацијата и ангажман само заради личен интерес. Тоа што премиерот Зоран Заев минатата недела во Брисел побара од Европската комисија да ја вклучи Македонија во нејзиниот механизам за следење на корупцијата не е знак за неговата решеност да се спротивстави на злоупотребите во својата администрација, во власта и генерално во Македонија, туку на неговата слабост сам да се спротивстави на тоа, па бара помош од некој однадвор. Дури откако стигнаа јавните прозивки дека „не се боревме за ова“ проработи свеста за новиот момент во политичката реалност во Македонија, кој не прави разлика меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ или некој друг, туку меѓу тие што чесно и нечесно си ја вршат функцијата.
Тоа што амбасадорот на САД требаше да интервенира за да дознае јавноста како се работи зад кулисите, е тема која исто така заслужува дообјаснување. Наспроти гласно најавената транспарентност на Владата, овој пример и некои претходни покажуваат дека таа е далеку од стандардите што ги бара јавноста, па и Европската Унија. За да не се случуваат повторно вакви политички драми, Владата треба да се потсети на ветувањата и да изработи закони кои ќе го направат јавно секое плаќање на функцијата, од плати, надоместоци, дневници, патни трошоци, хотелски сметки, сметки за репрезентации, платени патувања, купени автомобили, па до подароци. Ако можеме да знаеме во секој момент колкава е платата и колку данок плаќа Ангела Меркел секоја година, зошто е толкав подвиг да се знае колку годишно заработува нашиот претседател или премиер на функцијата, заедно со разните „диковци“, пратеници, членови на извршни одбори и разни тела и комисии кои се финансираат од џебот на сѐ посиромашните Македонци.