ДИК се удави, Антикорупциска мирно плива
Верица Узунова, Виолета Хаџиева-Гиноска и Огнан Миовски го повредиле член 9 од Законот за спречување судир на интереси поради кумулација на функции, односно извршување две функции истовремено. Узунова била директор на струмичко јавно претпријатие, како и член на надзорен орган на АД ЕЛЕМ, Гиноска била член на УО во здравствен дом во Македонски Брод и управител на ординација по стоматологија, а Миовски бил на две функции во Пехчево: член на УО на здравствениот дом и управител на сметководствено биро. Одбиен е приговорот на наставници од битолското училиште „Д-р Трифун Пановски“ околу спроведување избори на членови на училишниот одбор. Договор за соработка со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, како и со правниот факултет „Јустинијан Први“, работен состанок со Оценската мисија базирана на предмети во областа на висок профил на корупција, организиран криминал и перење пари од страна на Европската комисија и средба со претставници на правната канцеларија на Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите при Амбасадата на САД во Македонија.
Ова се последните активности на Државната комисија за спречување корупција објавени изминатите четири недели на нивната интернет-страница. До седумтемина членови не допираат критиките од експертската јавност која упорно инсистира комисијата да се наметне како сериозен државен орган, кој успешно ќе ја игра улогата што ѝ е наменета: ефикасен борец против корупцијата. Наместо тоа, се презентираат голи бројки за преземени дејствија, во кои главно се таргетираат поситни риби, додека крупните риби се оставаат да пливаат. Досега не се случило да биде процесиран ниту еден поголем предмет, ДКСК не ги коментираше ни обвинувањата во „бомбите“, ни бонусите во Државната изборна комисија, а не реагира ниту кога граѓаните или медиумите ќе достават сериозни сомневања за корупција во највисоките државни тела.
„Тие се целосно нефункционални, па дури и сега, кога условно речено им се променија газдите, немаат храброст да работат согласно своите надлежности. Јасно е дека одбиваат да си ја работат работата за која се назначени и платени и доколку имаат барем малку образ и професионален дигнитет – мора да си заминат. Бидејќи знам дека немаат ниту едно ниту друго – очекувам да бидат сменети сите до еден“, вели аналитичарот Сашо Ордановски.
Тој смета дека е нонсенс во извештаите на ДКСК да се пишуваат прекршочни пријави против директори на училишта или членови на управни и надзорни одбори во години кога од земјава се украдени милијарди евра. Токму поради неработењето на институциите, како што беше случајот со ДИК, кои не реагираат во експлицитни случаи што се во доменот на нивните законски овластувања, јавниот вакуум заради нивниот молк се исполнува со интернет-повици за барање одговорност, кои на крајот прераснуваат во повици за линч.
Државната комисија за спречување корупција беше формирана во 2012 година. Нејзиниот буџет растеше од година в година и сега се движи околу половина милион евра, а членовите на комисијата добиваат плата поголема од илјада евра месечно. Поранешниот член на ДКСК, Драган Малиновски, потенцира дека мора да се најде решение за комисијата бидејќи очигледно е дека не функционира.
„Прашањето на Антикорупциска е отворена тема. Со оглед на ефектите што се испорачани изминатиов период, апсолутно недозволиво е нивното постоење да продолжи на ист начин. Значи, или ќе треба да им се промени статусот или да се најде некое чаре“, ни изјави Малиновски.
Пред десетина дена и премиерот Зоран Заев рече дека Комисијата, ваква каква што е сега, не треба да постои.
„Оваа комисија сега е ‘тапа џонсон’, нема врска и не треба да постои. Но јас не сум Груевски за да се мешам во независни тела. Јас сум убеден дека Комисијата за избори и именувања ќе ги отвори ваквите прашања“, истакна Заев.
Се обидовме да стапиме во контакт со претседателот Игор Тантуровски, но не се јавуваше на мобилниот телефон, а неговите соработници ни кажаа дека е зафатен со состаноци.
Во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјава редовно се нотираа сомневања за широко распространета корупција во јавните набавки. Се потенцираше дека институционалната рамка и преземените мерки остануваат неприспособени за ефикасно решавање на овој феномен, дека е потребно дополнително подобрување на постојното законодавство за справување со ризиците од корупција и зголемување на транспарентноста на јавните набавки, а дека системот за внатрешна контрола во централната и локалната администрација останува слаб. Никогаш не беше покрената постапка за голема афера со корупциски предзнак, за ревизорските извештаи што покажуваат злоупотреби во низа важни државни институции, за начинот на финансирање на политичките партии, за дупките во изборните сметки, за тендерите и за безобразното трошење буџетски средства.
Горан Адамовски