Детали за приведениот од МВР: Предупредил лице кое е под истражна постапка дека го следи агент


Советникот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој вчера беше уапсен, кажал на лицето за кое се водело истражна постапка дека се следат нејзините телефонски разговори, ја предупредил да биде внимателна и дека ќе ја следи прикриен агент, соопшти МВР.

Како што соопштуваат од МВР пријавениот Д.С. во текот на февруари 2018, како државен советник за полициски и криминалистички работи во кабинетот на министерот за внатрешни работи, со пречекорување на службените овластувања прибавил службена тајна, класифицирана како „строго доверливо”.

Потоа на 26 февруари, во просторија на здравствена установа во Скопје, на средба со лицето над кое се применувале посебните истражни мерки ѝ ја пренел службената тајна. Тој ѝ кажал дека над нејзе е во тек истражна мерка и дека се следат сите нејзини телефонски броеви. Советникот на Спасовски ја предупредил да престане да го прави тоа што го прави и да биде внимателна, поради тоа што може во текот на наредните денови да биде применета и друга мерка со користење на прикриен агент.

„Свесен за оддавањето на службената тајна, побарал од лицето да не го споменува дека од него е добиен податокот дека над истата се спроведуваат посебни истражни мерки. На тој начин нанел штета на постапката која што се водела над лицето, попречувајќи да се обезбедат докази битни за таа постапка, со што истиот го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, предвидено и казниво по член 353 од КЗ“, велат од МВР.

Министерот Оливер Спасовски на денешната преконференција по повод овој случај рече дека нема да толерираат никакво незаконско работење.

– Очекувам многу скоро во законска утврдена постапка сомнежот да биде потврден или отфрлен. Оддавање на службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага е казнено дело. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се бориме против криминалот и за било какви потврдени незаконски активноти ќе има нула толеранција. Тоа треба да биде јасно за секого. МВР нема да толерира загрозување на истраги и постапки. Ова е пораката за секој кој има намера да соработува или да учествува во криминал – рече Спасовски.