Деспотовски во Белград: Македонија ја зголеми поддршката за иновации за 12 пати


Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски учествува на регионалната конференција „Innovation Talk 2018“ што се одржува во Белград.

На панелот „Иновации-поглед од Балканот“, на кој учествуваат министрите за иновации, наука и технологија на Србија, БиХ, Република Српска и Словачка, Деспотовски ги претстави активностите што ги презема македонската Влада за поддршка на иновациите, нагласувајќи дека годинава за 12 пати се зголемени инвестиците во овој сектор во однос на претходните три години.

– Нашата политика е дека иновациите се применливи секаде и сакаме да ги поттикнеме сите кои имаат иновативни идеи да ги претворат во успешни бизнис приказни. Она што ни недостасува е креирање на критична маса успешни примери со кои покрај државата која е важен фактор, ќе се охрабрат и приватните инвеститори да вложуваат пари во иновативни проекти, рече Деспотовски.

Додаде дека желбата за преземање ризик во бизнисот е се уште мал, особено кај младите луѓе. – Преку разни програми работиме на тоа да им се развие критичкиот начин на размислување уште од мали нозе и да се научат да преземаат ризик, да се поттикнат, своите бизинис идеи да ги реализираат дома, а не да ја бараат иднината надвор, нагласи Деспотовски.

Соговорници на дебатата се согласија дека е потребна промена на менталитетот и кај компаниите и кај инвеститорите за побрз и поефикасен развој на економијата, како и дека иднината е кај младите луѓе. Оценија дека регионот има голем потенцијал којшто не е целосно искористен и оти е потребна регионална соработка за да се оди побрзо напред.

На маргините на конференцијата, Деспотовски се сретна со српскиот министер за иновации и технолошки развој Ненад Поповиќ и со министерот за наука и технологија на Република Српска, Ален Шераниќ.