Десницата не гледа обединувач во ВМРО-ДПМНЕ


Понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за обединување на десницата дадена во интервју за „Независен весник“, со цел соборување на Владата предводена од СДСМ, наиде на резервираност кај десничариските партии во земјата. Од него најпрво се бара целосно дистанцирање од политиките на претходниот претседател Никола Груевски, па дури потоа можност за евентуална соработка. За волја на вистината, дел од нив се во актуелната владејачка гарнитура, што дополнително го усложнува процесот на коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Во ВМРО – Народна партија сметаат дека десницата мора да се обедини, но оти прашање е дали ВМРО-ДПМНЕ е обединителот.

ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже дека е подготвена да се реформира, па тогаш да подава рака. Искрено, не гледаме дека нешто е променето во однос на претходното раководство. Да, гледаме некакви најави, но на терен нема ништо конкретно. Уште поконкретно, додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, членовите и симпатизерите на ВМРО-НП трпеа поголема штета отколку членовите и симпатизерите на СДСМ. Огорченоста кај нашите поддржувачи е огромна. ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже дека е подготвена за соработка, па потоа ќе одлучиме дали ќе прифатиме“, ни изјави Никола Тасев, член на извршниот комитет на партијата што ја раководи Љубчо Георгиевски.

Љубе Бошкоски од Обединети за Македонија вели дека ја почитува пресумпцијата на невиност, алудирајќи на новопоставениот лидер на најголемата опозициска партија. Но, потенцира дека тој безусловно мора да се дистанцира од политиките на неговиот претходник.

Да биде јасно кажано дека сѐ што е ограбено, земено и украдено од народот, вклучително и ‘белиот дворец’, мора да му се врати на народот. Јас лежев толку години во затвор за непостоечко кривично дело: нелегално финансирање кампања, а кај ВМРО-ДПМНЕ се покажа и докажа дека одзеле милиони евра и сѐ уште никој не одговараше. Доколку Мицкоски се откаже од сето тоа, може да разговараме на тема соработка. Не за рушење на власта, бидејќи ние сме дел од неа, но како десничари апсолутно треба да соработуваме. Тоа ќе зависи од Мицкоски, а не од мене. Да заклучам, таа партија ја доведе Македонија на работ до амбисот. Тие ја напуштија идеологијата на ВМРО, станаа криминално здружение, но десничарите насекаде во светот соработуваат, така што оставаме простор, иако прашање е под кои услови би се извело тоа“, вели Бошкоски за „Независен весник“.

И во Достоинство на Стојанче Ангелов со резервираност гледаат на понудата на Мицкоски за формирање коалиција на десниот блок. Велат дека е прерано за тоа, односно дека ВМРО-ДПМНЕ најпрво треба да го спаси падот на партијата, па потоа да размислуваат за окрупнување на таборот.

Ние како Достоинство се трудевме да го срушиме Никола Груевски и неговото криминално опкружување и конечно успеавме во тоа. Каква ќе биде натамошната соработка со ВМРО-ДПМНЕ, зависи од новиот лидер“, ни рекоа од Достоинство.

Нивниот лидер во оставка, Стојанче Ангелов, коментирајќи го поставувањето на Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, ја пофали неговата човечка димензија, како и неговиот приватен и семеен живот.

Од она што може да се дознае во јавноста за него, посебно за неговите професионални квалитети и кариера, има надеж дека ВМРО-ДПМНЕ најпосле ќе тргне по нов пат, пат на напредок, пат на помирување помеѓу македонскиот народ, пат на помирување помеѓу сите македонски граѓани, пат на модерна македонска држава“.

Во интервјуто Мицкоски истакна дека еден од следните потези за консолидацијата на партијата ќе биде создавање силен десничарски блок.

Потребно е обединување на десниот блок во Македонија, зацврстување на структурите и привлекување на секој граѓанин, секој еден способен човек и потенцијал што ќе сака да се вклучи во процесот на изградба на Македонија и нудењето просперитетна алтернатива наспроти сѐ штетно што ѝ се случува на државата. Следува формирање совет на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ составен од интелектуалци, професори, луѓе со потенцијал, но и луѓе со големо животно искуство, како и тим на советници, меѓу кои и луѓе со меѓународно искуство, и со потекло од други европски земји. Ние мораме да го мобилизираме најдоброто што ни стои на располагање со цел да се спротивставиме на она што претставува заеднички камен на државата, што нѐ влече надолу, а тоа е актуелната влада. Имаме целосна и брутална стагнација и уназадување во повеќе општествени сфери. Стопанството замрува, земјоделците преживуваат, нема испорака на ветувања, а ‘кредитот’ дека ќе направат нешто подобро неповратно се троши бидејќи поминаа цели осум месеци, а граѓаните не живеат подобро“, рече Мицкоски.

Горан Адамовски