Десетто издание на театарскиот фестивал „Св. Јоаким Осоговски“
На летната сцена на плоштадот „Карпошово востание“ во Крива Паланка беше отворено јубилејното, десетто издание на Интернационалниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“. Признанието-лауреат на годинашниот фестивал на Македонскиот актер му беше врачено на Благоја Чоревски.
Осврт на неговото дело дадоа театарскиот критичар и селектор на фестивалот, Гоце Ристовски и Тодор Кузманов, театролог и театарски критичар.
-Тој e повеќе од четири децении присутен на театарската сцена во Македонија и на меѓународната културна сцена. Станува збор за добар актер и сериозен уметник. Чоревски израснува во квалитетен творец, посветен на професијата, предан, професионален, одговорен и прецизен во креацијата на улогитеод кои голем дел остануваат да важат како антологиски и му го гарантираат заслуженото место во пантеонот на македонското глумиште и макеоднскиот тетар, воопшто, рече Кузманов.
Чоревски е на сцената уште од неговата шеста година, потекнува од најтеатарското семејство во Македонија и има запишано повеќе од сто улоги. Неговиот татко е основоположник на македонскиот театар и актер во првата претстава на макеоднски јазик „Платон Кречет“.
-Она што на некоаков начин ние сомнболички го правиме со врачувањето на ова признание е метафоричко одбележување да те носи по патеките вашата супериорност и посакувам секаде да ве следи ореолот на св.Јоаким Осоговски и на сцените во вашата супериорна актерска кариера, но се разбира, и секаде во животот, порача Ристовски.
Чоревски се заблагодари на честа да биде лауреат на јубилејното еднодецениско постоење на фестивалот и рече дека ова признание многу му значи.
-Кога го добив ова признание и кога видов кој се застанал на оваа сцена да го добие, почнувајќи од мојата мајка, колешка и партнер на сцената, големата Милица Стојанова, бев особено трогнат. Нам, на актерите, секое признание, секое мало хартииче ни е особено драго. Навистина многу ми значи, среќни се тие што ја имаат, и се надевам дека секогаш ќе ја доделувате на лицата со вистински вредности, рече Чоревски .
Јубилејни награди по повод десетгодишнината на фестивалот им беа врачени на доајенот на македонското актерство Милица Стојанова, Страшо Милошевски актер и девет години уметнички директор на фестивалот, Гоце Ристовски драмски критичар, новинар, публицист, драматург, Антонито Давитковски координатор на проектот, Стојанче Величковски автор на фестивалските плакати, фотограф и уметник и водителот и афирматор на фестивалот Жаклина Цветковска.
Актерската дива по потекло до Крива Паланка, Милица Стојанова, присутните ги почести со краток монолог во знак на благодарност за прзнанијата на сите добитници.
-Убавината на театарот не е само тоа што, како велат, живот значи, туку и во неповторливоста на мигот на изведбата, миг на уметноста кој ја надживува вечноста. А актерот е тоа величество на театарот кој со неговата скромност, почитуван колку што е во ова наше општество, зашто според мене, театарот не е на тоа рамниште кое го заслужува, не му значат ниту финансиите, ниту наградите и останати признанија, туку живее само за аплаузот и тоа е таа убавина и таа човечност која живее во сите вас, овде присутни и во сите актери, рече Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка.
Денеска започнува програмската понуда со ретроспективната изложба на театарска фотографија и плакат на уметникот, автор и дизајнер, Стојанче Величковски, од 19 часот во фоајето на НУ Центар за култура, а од 20 часот започнува претставата „Жена ми се вика Борис“ на Театар комедија, Скопје.
Во недела на програмата е „Хотел меѓу овој и оној свет“ на Општински народен театар, Дупница, Република Бугарија.
Фестивалот ќе трае седум дена, а ќе настапат девет театраски куќи и актерски ансамбли од Бугарија, Хрватска, Србија и Македонија.