Десетти во светот!


Здравко Савески

Светска банка објави дека Македонија е на десеттото место во светот според поволноста да се прави бизнис во земјата. За да се сфати колку тоа е исклучително висока позиција, можеби најдобро е да се повлече паралела со ранг-листата на ФИФА. Ако Македонија во моментов беше десеттата фудбалска нација во светот, тоа ќе значеше дека таа нема да беше рангирана помеѓу Зеленортските Острови и Салвадор, како што е сега случај, туку ќе беше веднаш зад Шпанија, а пред фудбалските гиганти како Аргентина, Германија и Италија. Замислете само! Македонската фудбалска репрезентација во друштво на Шпанија, Аргентина, Германија, Италија, репрезентација која ја вклучуваат меѓу кандидатите за светската и европската титула.

Е, тоа тврди Светска банка, дека Македонија е во категоријата поволна бизнис-клима. Светска суперсила! И тоа не само во последната година. Уште од 2010 година реформите во корист на капиталот што ги направи владата на Груевски ја катапултираа Македонија во редот на 40. земји со најповолни бизнис-клими во светот, а веќе четврта година по ред Македонија е рангирана во самиот светски врв, помеѓу десеттото и дванаесеттото место. Значи не се најде Македонија, по некоја случајност, само една година помеѓу топ 10 земјите во светот, туку е меѓу најдобрите речиси цела деценија.

Но, чекајте, за оваа земја правиме муабет? Да не ги помеша лончињата Светска банка? Зарем оваа земја, Македонија, со мал обем странски инвестиции, со стагнантна економија, со сиромашни работници, зарем неа Светска банка ја рангира помеѓу десетте најповолни земји во светот за правење бизнис? Кратко и јасно: да! Според Светска банка, Македонија има поповолно „деловно опкружување“ не само од целиот Балкан, не само од сите земји во Југоисточна и Источна Европа, туку и од 26 од 28. членки на Европска Унија! Дека е подобра и од Словенија и Естонија, земји кои мечтаеме да ги достигнеме, дека е подобра и од економските гиганти како Германија и Јапонија! Сфаќате сега колку високо нè рангира Светска банка? Дека според Светска банка, ние сме светска класа земја според поволната бизнис- клима?

Нешто ви смрди? Нормално дека ви смрди. Кој нормален, ќе се запрашате, би ја рангирал оваа земја во самиот светски врв, и тоа четврта година по ред, по кој било економски индикатор? Па, ако беше така, странските инвеститори во колони ќе чекаа на граница за влез во земјата, економијата ќе забревташе, а Македонија ќе се соочуваше дури и со недостиг на работна сила. Каква невработеност, какво иселување од земјата! Ако Светска банка е во право, во Македонија требаа да никнуваат фабрики и „старт-апи“ како печурки по дожд, невработеноста вртоглаво да паѓа, а животниот стандард исто толку вртоглаво да расте! А, бидејќи тоа не е ниту приближно така, тогаш нужно се наметнуваат два заклучоци: прво, ранкингот „Дуинг бизнис“ има вредност на тоалетна хартија и, второ, политиката на Груевски на менување на законите во корист на капиталот, која евидентно е високо вреднувана како правилна од Светска банка, е едноставно погрешна: ниту привлече поголем обем на странски инвестиции, ниту ја заживеа економијата, ниту го подобри животниот стандард на работниците.

Ова се заклучоците што се наметнуваат и ова се заклучоците кои сегашната власт, наводно антигруевистичка, наводно социјалдемократска, требаше да ги извлече. Но, таа така не постапи. Од записниците од владините седници се гледа дека таа крајно сериозно пристапува кон рангирањето на „Дуинг бизнис“ и дека презема мерки да го задржи и унапреди ранкингот на Македонија на оваа листа.

Што има лошо во тоа? Јас немам проблем со намалувањето на административните бариери за водење бизнис, кога зад тоа не се крие стимулирање на неодговорноста на капиталот да создава профит на сметка на квалитетот на производите и заштитата на животната средина. Со оваа задршка, нека владата ги поедностави процедурите и нека не влијае коруптивно врз бизнисот. Сето тоа е во ред. Но, кога една влада, уште и наводно социјалдемократска, ќе се дрзне да намалува работнички права за да се фали дека напреднала едно или две места на „Дуинг бизнис“, тогаш тоа е крајно проблематично. Работничките права го подобруваат животот на конкретни луѓе, а повисокото рангирање на „Дуинг бизнис“, како што докажа стварноста во последните десет години, ниту носи драстичен пораст на нивото на странски инвестиции ниту го подобрува животниот стандард. Оттука, што треба да биде приоритет за власта – јасно е.

Во услови на наука која е дестимулирана да напредува (власта го намали буџетот за наука!) и со јавен дискурс кој повеќе ја вреднува навредата од аргументот, очигледно е тешко да се стигне до лесно достапната информација дека не од минатата година, не од годината пред неа, туку уште од 2011 година Светска банка повеќе не го утврдува ранкингот на земјите врз основа на нивното досие на пазарот на труд. Тоа се случи поради притисокот на Меѓународната организација на трудот и на синдикатите, кои бараа од Светска банка да го отстрани рангирањето на земјите според трудовата регулатива, зашто тоа рангирање ги стимулира и ги охрабрува владите ширум светот преку намалување на работничките права да добијат повисок ранкинг на својата земја на „Дуинг бизнис“. Па Светска банка направи компромис. Го задржа овој критериум, но тој од 2011 година повеќе не учествува во утврдувањето на ранкингот на земјите. Со оглед на ова, некој конечно треба да ја информира власта дека намалувањето на работничките права ѝ носи повисок ранкинг на Македонија на „Дуинг бизнис“.

Само, работите не се толку едноставни. „Дуинг бизнис“ е воведен и поддржан од крупниот капитал. А крупниот капитал сака да види промени во земјите кои нему му одговараат. А тие промени, речиси секогаш, одат на штета на правата и на животниот стандард на работниците. Поради тоа, и покрај отстапката околу невклучувањето на трудовата регулатива при утврдувањето на рангингот на земјите, останатите индикатори на „Дуинг бизнис“ сè уште содржат критериуми кои позитивно го вреднуваат намалувањето на работничките права. Тргнувајќи од тоа, оваа влада, не таа на Груевски, во декември минатата година констатира дека една од причините за намалувањето на рангот на Македонија во „Дуинг бизнис 2018“ (од 10 на 11 место!) бил и индикаторот „Отворање фирма“ во однос на законската обврска за објавување на оглас за вработување со времетраење од најмалку пет дена. Па зеде и ја намали должината на огласот за вработување од пет на три дена. Зошто? Заради пустиот ранкинг на „Дуинг бизнис“!

Во услови кога, особено во јавниот сектор, порасна бројот на документи што се потребни за да се конкурира за едно работно место, ова намалување на должината на огласот за вработување фактички оневозможува одреден број работници да се јават на огласите. Зашто немаат доволно време да ги комплетираат документите. И дополнително ги стимулира партиските вработувања, зашто партиските пулени уште пред објавувањето на конкурсот се информирани дека ќе се објавува конкурс, па можат на време да ги комплетираат документите.

Во последниот период Заводот за статистика објави дека порасна стапката на сиромаштија, неколку финансиски институции ги намалија проекциите за економскиот раст на Македонија, ама „Дуинг бизнис“ објави дека Македонија е во топ 10 земји според поволноста на водењето бизнис. Ние, работниците, граѓаните, не треба да дозволиме да нè заведуваат ранкинзите на „Дуинг бизнис“. Напредувањето на земјите на оваа ранг-листа често значи влошување на животниот стандард на работниците во тие земји. Властите што се во служба на крупниот капитал секогаш ќе се обидуваат да го оправдаат намалувањето на работничките права со обезбедувањето повисок ранкинг на земјата на „Дуинг бизнис“, но до нас е да не ја прифатиме и да ѝ се спротивставиме на таа аргументација, која значи губење на нашите права.