Депонијата „Дрисла“ казнета со 8.500 евра
Согласно законот за квалитет на амбиенталниот воздух поведена е прекршочна постапка и ограничување на работата на правниот субјект депонија „Дрисла“ поради регистрирано пречекорување на дозволените граници за испуштање на инцелераторот, односно печка за горење на медицинси отпад, информираше на денешната прес-конференција директорот на Државниот инспекторат за животна средина Мирослав Богдановски.
– Казната се движи до 25 илјади евра. Прекршочната комисија донесе спогодбена одлука депонијата да се казни со 8.500 евра. Се постапи по Законот за амбинтален воздух. Имаат упатства во рок од 90 дена да постават филтри и да го решат проблемот, рече Богдановски.
Прашан дали во периодот од 90 дена ќе се гори медицински отпад во „Дрисла“, Богдановски рече дека депонијата смее да гори само осум часа во денот, не во три смени како што било претходно, кога тоа го дозволуваат временските прилики.
– Значи, зошто немаме резервна варијанта за тој медицински отпад и може да настане многу поголем проблем во однос на складирање и постапување со него. Целиот медицински отпад од Македонија се носи во „Дрисла“ и може да настане голем проблем, рече Богдановски.
Инспекторатот откако е надминат прагот за алармирање има реализирано 15 вонредни инспекциски надзори во Скопје и Тетово согласно Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, при што за еден правен субјект е поведена постапка за спогодување, додека во изминатите три години немало ниту една санкција за ниту еден правен субјект.