Дени Бојл нема да го режира „Џејмс Бонд 25“
САД- Дени Бојл го напушти режисерското столче на новиот филм за тајниот агент Џејмс Бонд поради креативни разлики со студиото, изјави продуцентот на серијалот, Барбара Броколи.
„James Bond 25“, како што беше работниот наслов на новиот филм за агентот 007, сега ќе биде во потрага по нов режисер кој ќе го екранизира последниот дел од серијалот со Даниел Крег во главната улога.
Даниел Крег и Барбара Броколи пред неколку месеци се договорија дека и двајцата би сакале филмот да биде под режисерската палка на Дени Бојл, најдобриот активен британски режисер. Но, денеска соработката помеѓу студиото Eon Productions и Дени Бојл беше прекината и режисерот ја напушти задачата.
Оскаровецот Дени Бојл е најпознат по неговите филмови „Trainspotting“ и „Slumdog Millionaire“, а тој беше и режисер на церемонијата на отварањето на ЛОИ во Лондон во 2012 година. Кога беше најавено дека тој ја презема режисерската улога во серијалот за Џејмс Бонд, Броколи и Крег рекоа дека се „презадоволни што работат со толку талентиран режисер и човек“.