Демократскиот сојуз одбележа 18 години постоење


Стабилноста, имплементацијата на европските вредности и разрешувањето на отворените прашања со соседите, се гаранција за деблокирање на евроатланските процеси, за отварање на вратите за влез во НАТО и ЕУ, рече денеска лидерот на Демократскиот сојуз (ДС) Павле Трајанов во обраќањето по повод 18 години од формирањето на партијата.

Трајанов пред присутните симпатизери и гости од политичките партии и медиумите, порача дека национализмот и идеите за големи држави на Балканот секогаш завршувале со крвав расплет. Треба, нагласи, да направиме се, за да се избегнат внатрешните конфликти и немири.

Претседателот на ДС уште еднаш го повтори партискиот став дека треба да се направат промени во изборните законски решенија, а Македонија да биде една изборна единица.

– Пред 18 години, неколкумина одлучивме да го формираме Демократскиот сојуз, да им понудиме избор на граѓаните. Понудивме програма и концепт за реформи каде во центарот на вниманието е човекот, неговите права и слободи. Ништо не премолчавме, предлагавме идеи и визии за подобра и економски силна Македонија и бевме и сме сигурни дека Македонија ќе успее, истакна Трајанов.

Според него, во Демократскиот сојуз досега се вклучиле над 35.000 граѓани.