Дебатата за персоналецот се вжештува: Прагот од 1.000 евра смешно низок
Владата влегува во даночна реформа без анализа на социјалната структура, но со амбициозно очекување дека ќе ја врати средната класа. Професорот Абдулменаф Беџети вели дека има грешка во чекори, дека целите се поставени превисоко и се недостижни со вакви мерки и за еден мандат.
„Пред да се оди во промена на системот на даноците на приходи требаше да се направи измена и на стапките и на статусот на приходите од капитал, од имот и од наследство. Првата година тие требаше да се оданочуваат прогресивно, а потоа да се прејде на другите приходи“, смета Беџети.
Повисоката даночна стапка, според професор Беџети, треба да биде во просек како во регионот, каде се движи од 15 до 30 отсто.
„Зависи со кого се споредувате. Во регионот, во Словачка стапката е 22 отсто а во Чешка 20 отсто. Во САД, најлибералната економија, највисоката маргинална стапка е 40 отсто. Тоа покажува дека не значи оти високи маргинални стапки значат низок развој. Шведска има рекордно највисока стапка последните 20 години. Истовремено, на долг рок има повисока стапка на економски раст, споредено дури и со САД“, објаснува Беџети. Вели дека искуството на Македонија ја побива тезата оти рамниот низок данок е поефективен.
„Дванаесет години живеевме со таа демагогија. Имавме најниски даноци во регионот а не можевме да привлечеме странски инвестиции. Тоа не е параметар со кој можеме да ја образложиме потребата од ниски даночни стапки. Случајот со Шведска покажува дека највисоки стапки значат и највисок раст, но во услови на функционална економијата, со институционален капацитет“. Смета дека дебатата е неопходна само за тоа каде да се позиционира прагот.
„Мислам дека прагот што го предлага министерот е пренизок. Лично сметам дека секој праг под 100.000 денари месечно ги тангира младите со специфични професии, и нив ќе ги избркаме од тука. Тоа се од ИТ секторот, банкарството, услугите од дистанца, кол центрите. Прагот реално би требало да се движи од 90.000 до 100.000 денари месечен приход. И да се помине на стапка која може да биде 18 дури и 20 отсто“, дециден е професорот Беџети, додавајќи дека за тоа е неопходна анализа на социјалната, материјалната структура на општеството.
„Не се направени суштински анализи. Која е социјалната структура на општеството? Да видиме првите 20 проценти од општеството колку примаат, а колку вторите 20 проценти. За дебата околу прагот треба да имате добро анализирана социјална структура, и анализа како новите стапки би влијаеле за 3, 5, 10 години, ако сакате враќање на средна класа. Не се враќа средна класа со додавање на стапка од 8 отсто данок на маргиналната стапка на приходи. Ниту може да има значителен фискален ефект од тоа. Знаејќи колку компаниите пријавуваат таков приход“, вели Беџети.
Не исклучува селење на бизнисот, доколку прагот остане на 60.000 денари. „Некој може да замине, Приштина е 60 километри од Скопје, каде има далеку пониски стапки“, заклучува тој.
Како човек кој долги години е со бизнисот, даночниот експерт Горан Рафајловски вели дека првото прашање поврзано со реформата кај персоналецот е каде одат парите од овој данок.
„Ако таа мерка им е за психолошки ефект, дека ќе ги оданочуваме богатите, дај нека го кренат прагот, затоа што е смешно низок. На 120.000 до 150.000 за данок од 18 отсто. Со праг од 1.000 евра ќе оданочуваат професори на факултети, уметници, луѓе кои работат на проекти а самиот ефект во Буџетот нема да биде ни козметички, туку невидлив. Потребна е нова даночна политика. Имаме сериозна евазија на многу места, пренизок е ДДВ-то, ние не сме толку богата земја да имаме толку низок ДДВ. Турција има 18 отсто, Германија 19 отсто. А, тоа се даноци што ја полнат буџетската каса“, објаснува Рафајловски.
Бизнисот знае да се инаети, што се покажа кога пред неколку години, ексминистерот за финансии Зоран Ставрески инсистираше на придонеси за хонорарите.
„Тие што имаат малку повеќе пари ако ги фати инает, ќе има помалку пари во Буџетот. Долго работам со компании, кажувам дека мерката генерално ништо не носи, освен негативен ефект. Компјутерџиите, место да дојдат во Македонија, ќе одат во Србија, каде данокот го симнаа на 12 отсто и таму ќе регистрираат фирма и таму ќе ги плаќаат сите даноци, а ќе работат во Скопје“, вели Рафајловски. Според него, ако целта на Владата е социјална тогаш треба да направат насилно подигнување на стандардот.
„Со вонреден закон, во следните 4 години цело стопанство, вклучително администрација, мора да ја крева платата за 5 отсто. Сакате да кренете стандард и јавна потрошувачка, кренето го ДДВ-то и кренете ја платата за 5 отсто. Сиромашните ќе ги изедначиш во првата година, во втора година ќе почнат да трошат пари на крај тие ќе почнат да се слеваат во стопанство. Нема да се зголеми инфлацијата во договор со Народна банка, а и да има мала инфлација, не е лошо“, вели Рафајловски. За примерот за Шведска, вели, дека најдобро говори ИКЕА.
„Знаете каде е главната фирма на ИКЕА? Во Швајцарија. Никогаш не плаќа данок на Шведска. Во Франција, кога претседателот Франсоа Оланд им го кренаа данокот, што направија – го изнесоа целиот бизнис надвор. Богатиот кога ќе земе 200.000 денари со 10 отсто данок ќе плати 20.000 денари, а сиромашниот што ќе земе 20.000 ќе плати 2.000 денари данок. Затоа велам дека ваков зафат ќе има само негативен ефект“, оценува тој.
За Рафајловски, доколку се прифати предложениот концепт на персонален данок на доход, со втора стапка од 18 отсто, која би се пресметувала на приходи над 1.000 евра, секој што е богат ќе побегне. А, негативниот ефект изразен со минус во буџетот ќе се покаже уште првиот месец од собирањето на данокот.
Ќе се оданочуваат каматите и продажбата на акциите?
Професорот Абдулменаф Беџети вели дека кога ќе стартува прогресивното оданочување не би требало во никој случај да има ослободување од оданочување на каматите, посебно не ослободување од персоналец кај капиталните добивки од продажба на акции.
„Секоја година го продолжувавме ослободвањето за да поттикнеме штедење. Во одреден временски период се постигна ефект. Но, последниве четири-пет години ослободувањето продолжува без да има значителен ефект врз штедењето, кое се движи околу 6 милијарди евра. Тоа би требало во секој случај да се оданочува, без одложување. Особено добивките од продажба на акции. Неколку компании имаат големи добивки, не само од аспект на дивиденди, туку и од аспект на зголемување на вредноста на акциите. Десеттина компании имаат просечен промет на акциите од 20-30 отсто годишно. А, тоа не се зафаќа. Затоа велам прво треба да се направи прогресивно оданочување кај приходите од капитал. Економски нема да ги демотивира тие што инвестираат на пазарот на капитал, затоа што немаат алтернатива, затоа што никаде нема толку големи добивки како таму. Покрај тоа тие компании истовремено имаат и добар поврат на нивните инвестиции“, вели Беџети.
Анита Салтировска