Два документарни филма се реализираат во рамките на „Докуникулци“


Документарните филмови „Поинакви“ и „Поглед во очите“ се реализираат во рамките на проектот „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Оваа филмска работилница е доверена на млади учесници со сениорска техничка поддршка од екипата на „МакеДокс“. Се одвиваше во неколку фази за време на Патувачкото кино летово во Порече, како и за време на осмото издание на фестивалот во август годинава. Третата фаза од проектот го опфати процесот снимање.

Од 1 до 3 декември во Велес се снимаше документарниот филм со работен наслов „Поинакви“ во режија на Розе Симоновска. Во снимањето на филмот се вклучени и Леа Димитрова како продуцент, Петар Крстевски и Бисера Атанасова работат со камерата, за звукот е одговорен Давид Стојановски, додека монтажата ќе биде на Петар Крстевски.


Во текот на оваа недела ќе се реализира снимањето и на документарниот филм „Поглед во очите“ во режија на Јоана Арсовска, како продуценти работат Јоана Арсовска, Матеа Козовски и Севдалина Дамевска, зад камерата ќе бидат Матеа Козовски и Давид Стојановски, со звукот ќе оперираат Матеа Козовски и Стефан Божиновски, додека на монтажата на филмот ќе работат Леа Димитрова и Бисера Атанасова.

Премиерата на документарните филмови ќе се одржи на следното фестивалско издание на „МакеДокс“ во 2018 година. Работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“ се реализира со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон.