Дачиќ и Лавров против изборот „или сте со нас или против нас“
Во пресрет на денешната посета на Белград, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во заеднички текст со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во „Руска газета“ и во „Политика“ се изјаснија против наметнувањето на изборот „или сте со нас или против нас“.
– Нашата меѓусебна соработка е особена, заради взаемното почитување на изборот на другата страна и земањето предвид на интересите на другата страна. Белград и Москва се противат на штетната пракса – или сте со нас или против нас, која веќе придонесе за јакнење на недовербата и до нестабилност на европскиот континент, порачаа двајцата министри во текстот објавен по повод одбележувањето на 180 години од воспоставувањето на српско-руските дипломатски односи.
Шеф на руската дипломатија денеска ја започнува дводневната посета на Белград, при што, според највите, главни теми на неговите разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и министерот Дачиќ ќе бидат билатералните односи, економската соработка, состојбата на Западен Балкан и Косово.
Како што најавуваат српските медиуми, на вечерва на билатерална средба со Лавров, Вучиќ ќе му врачи писмо до рускиот претседател Владимир Путин со кое го кани да го посети Белград.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Лавров утре ќе има билетерални средби со Брнабиќ и со Дачиќ, а ќе присуствува и на презентацијата на мозаикот на куполата на црквата Св.Сава, по што во руската Амбасада на свечена церемонија на шефот на српската дипломатија ќе му го врачи Орденот за пријателство, со кој тој беше одликуван од Путин.
Во пресрет на посетата на Белград, Лавров изјави дека Москва не се противи на приближувањето на Србија и на земјите од регионот во ЕУ, но и дека изборот кој Брисел го поставува пред земјите кандидат – или Русија или Запад е погрешна политика.