Данок за богати на приходи над 1.000 евра?


Министерот за финансии, Драган Тевдовски и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев имаат различно видување за висината на приходите над кои треба да се пресметува повисока стапка на персонален данок на доход од 18 отсто. За Тевдовски, границата меѓу пониското и повисокото оданочување треба да биде поставена на 1.000 евра.

„Ако ги видите податоците на УЈП, над 1.000 евра имаат само 2 отсто од луѓето со највисок доход. Тоа е границата што треба да биде поставена за дополнителната стапка. Таа стапка сигурно нема да удри по средната класа. Овие 2 проценти имаат приходи кои не се во голем дел од труд туку се и од капитал“, објасни Тевдовски, според кого во Македонија треба да се развие дискусија за праведно оданочување.
Зголемените приходи, од една страна треба да обезбедат повисоки исплати кон образованието, здравството и другите буџетски корисници а од друга страна да влијаат врз нееднаквоста.
„Во Македонија има висока нееднаквост. Во книгите за јавни финансии пишува дека даноците треба да бидат баланс меѓу нееднаквостите кои ги прави пазарот и нееднаквостите кои ги прават институциите“.
Анѓушев, како човек од бизнис заедницата, забележа дека ако прагот се спушти многу ниско ќе биде дестимулативен. Колку повисок треба да биде прагот, не кажа. Пресметката на Тевдовски очигледно тргнуваше од македонскиот стандард за богати бидејќи плата од илјада евра во Западна Европа се смета за сиромаштија.

Вицепремиерот и министерот не се скарани

Иако не се согласуваат дали со даночната стапка за богати (18 отсто) треба да се оданочуваат оние кои земаат над 1.000 евра плата или тој праг треба да е повисок, вицепремиерот Анѓушев и министерот Тевдовски вчера изјавија дека одлично соработуваат.
„Не знам каква е таа демократија во Влада ако сите имаат исто мислење по сите прашања. Знаеме како е тоа, 11 години гледавме како работи таква влада“, рече Анѓушев, појаснувајќи дека најмалку три пати неделно се среќава со Тевдовски за тековни прашања, а еднаш во две недели на Економски совет.
„Одговорот околу прагот за персонален данок беше таков затоа што се уште не сме зазеле став за висината. Министерот за финансии има мислење, јас велам треба уште да се проанализира. Тој праг треба да го дадат математички параметри“, појасни Анѓушев.
И Тевдовски ја потврди супер соработката.
„Јас лично сум среќен што е тој со нас. Јас, пред се, сум макроекономист а тој е човек што има одлични познавања од начинот на водење бизнис во Македонија и ни е огромна додадена вредност во Владата. Меѓусебната соработка не треба да биде дилема во јавноста, главната битка ни е како да расте економијата“. Одговори Тевдовски.

Оданочување на приходите по моделот на Хрватска и Албанија

За прогресивното оданочување, она што во моментов се знае е дека ќе почне од наредната година и дека двете стапки ќе бидат 10 и 18 проценти. Спорен е прагот над кој ќе се применува повисоката стапка. Јавната расправа за новата даночна регулатива почнува од април. Во моментов не се знае дали некои видови приходи ќе бидат изземени од оданочување и на кој начин ќе се оданочуваат повеќекратните исплати во текот на месецот, кои поединечно не го надминуваат прагот, но заедно потпаѓаат под повисоката стапка.
Министерот за финасии Драган Тевдовски рече дека македонскиот модел на оданочување на приходите е направен по примерот на Хрватска и Албанија.
Според хрватскиот модел, конечна пресметка на персоналниот данок на доход се прави на годишно ниво, врз основа на доходот за кој се поднесува годишна даночна пријава. Износите данок што се платени на сите поединечни исплати во текот на годината се одбиваат од вкупно утврдената даночна обврска, по што се утврдува разликата за плаќање или враќање на данок.

Анита Салтировска