Дамијан Дарлингтон: Со „Брит флојд“ ќе ви покажеме како звучеа концертите на „Пинк флојд“


По цели 17 години свирење во австралискиот трибјут бенд за „Пинк флојд“, Дамијан Дарлингтон во 2011 година донесе одлука дека може да направи подобар бенд. Тогаш го формираше „Брит флојд“ и покажа дека кога се работи со многу страст, ентузијазам и имагинација, може да ги навлечеш фановите на „Пинк флојд“ да ти одадат признание за работата. „Брит флојд“ стана најрепрезентативниот трибјут бенд на „Пинк флојд“, за кој музичките рецензенти не штедат пофални зборови.

На 14 ноември во салата „Борис Трајковски“, во организација на „Авалон продукција“, тие за првпат ќе настапат во Скопје во рамките на својата турнеја „The Eclipse Tour“.

Дарлингтон, кој е мозокот на „Брит флојд“, во интервју за „Независен весник“ вели дека поентата на постоењето на трибјут бендови е на луѓето да им се освежуваат меморијата и емоциите за нешто што веќе немаат можност да го видат. Тој вели дека сè уште постојат луѓе што се скептични на вакви појави, но на македонската публика ѝ ветува празник за уши и очи.

Како дојдовте на идеја да го формирате „Брит флојд“?

-Свирев во еден друг трибјут бенд на „Пинк флојд“ цели 17 години, чие име беше „The Australian Pink Floyd Show“. Почувствував дека е време за промена и сакав да ја искористам можноста за да создадам свое „Пинк флојд шоу“ на кое ќе работам со други музичари. Одлуката за основање на „Брит флојд“ беше во 2011 година и сметам дека со него ги донесовме работите на едно повисоко ниво, во смисла како ја изведуваме музиката на „Пинк флојд“ и музички и визуелно.

Ова ќе биде ваше прво гостување во Македонија, какво шоу да очекува публиката?

-Голем обем на презентација од искуството на живите свирки на „Пинк флојд“, со веродостоен перформанс на бројни нивни песни, дополнети со спектакуларни светла, видео и ласерска продукција. Ќе бидеме деветмина на сцената и ќе свириме два и пол часа музика од целата ера на „Пинк флојд“.

Со каква техничка опрема доаѓате и што е најважно на вашите концерти во овој сегмент?

-Продукцијата на „Брит флојд“ содржи светлосно шоу од милион долари. Речиси 100 светла, плус ласери и легендарниот тркалезен екран. Шоуто вклучува видео и анимација кои се креирани специјално за „Брит флојд“, со кои фановите веќе се запознаени низ годините. Најважно од сè е секако музиката, но визуелниот аспект и синхронизацијата меѓу музиката и визуелното се клучни за нашето шоу.

Многумина би биле скептични кога станува збор за трибјут бенд, но со текот на годините, вие ја докажавте вашата професионалност. Како одговарате на скептичните забелешки?

-Сè уште постојат луѓе што се скептични за целата идеја на трибјут бендовите, но факт е дека има голем број фанови на „Пинк флојд“ кои сакаат да го искусат ова во живо. Некои сакаат да се потсетат како изгледале концертите на „Пинк флојд“, некои пак се премлади за да ја имаат таа шанса да го гледаат бендот во живо кога бил на турнеја. Ние им го нудиме тоа искуство. Тука ја гледаме нашата смисла на постоењето, им даваме можност на луѓето сè уште тоа да го искусат.

Музичките рецензенти пишуваат дека секој мора да го погледне вашето шоу. Со што се издвојувате од другите трибјут бендови?

-Мислам дека внимаваме на деталите и внесуваме голема страст, за разлика од другите трибјут бендови на „Флојд“. Ние не сме безгрижни, напротив, секогаш се трудиме да го подобриме целото шоу онаму каде што треба. Целиот пакет, гледајќи ги „Брит флојд“, е вистински празник за очи и уши.

Може ли да ни откриете дел од репертоарот што го подготвувате за Скопје?

-Насловот на годинешната турнеја е „The Eclipse Tour“ и воедно прославуваме 45 години од издавањето на албумот „The Dark Side of the Moon“, така што ќе има бројни песни од овој албум.

Исто така, ќе свириме песни и од раниот период на Сид Барет, почнувајќи од „Division Bell“, па сè до нумери од „Medal“, „Wish You Were Here“, „Animals“, „The Wall“, „The Final Cut“ и „A Momentary Lapse of Reason“.

Ивана Настеска