Дали лидерите се раѓаат или се создаваат


Љупчо Поповски

Во политиката еден човек може да трансформира цели општества, да инспирира големи региони или да однесе во конфузија и заблуда огромни маси. Историската ситуација од некои луѓе создава големи лидери, а некои служат за споредби што може да се случи кога преовладуваат слабоста и опортунизмот.

Теоријата вели дека со самиот избор за претседател на САД, Доналд Трамп стана „лидер на слободниот свет“. Но изборот не значи дека тој и вистински е лидер на тој слободен свет. Во Америка тој стана лидер на поделеното општество, омразен кај поголемиот дел, а прифатен од другиот, кој е повеќе наклонет само кон самиот себе. Во светот (освен во автократските режими) Трамп е оценуван како опасност за глобалниот поредок и за раѓање на општа несигурност во трговијата и меѓународните норми. Па, сепак, тој е лидер. Лидер чија политика за една нација поставена на прво место ја следат многу популисти, особено во Европа.

Дали ваквото негово лидерство што дели е резултат на образованието, животното искуство или богатството, или е производ на молчаливото очекување на милионите Американци на кои тој им го дава она што тие сакаа да го слушнат. Во основа, тој е популист од гигантски размери, опседнат со самиот себеси, а поради глобалното лидерство на неговата земја, таа протекционистичка популистичка демагогија влијае како планетарна епидемија.
Се разбира дека има и поинакви случаи на политичари кои станале лидери што знаеле да речат „не“ наместо „да“. Затоа што кога царуваат предрасудите и стереотипите и лажните норми, секогаш е полесно да се каже – „да“. Светот е полн со луѓе што сакаат да почнат војни – трговски, политички, територијални, сеедно – но е далеку помал бројот на оние што сакаат да градат мостови. Поради опседнатоста со играта на големите, некогаш останува малку забележана храброста на помалите. Или се оценува само во регионални рамки.

Во изминатиов викенд, светот, а особено Африка, беше сведок на една неверојатна храброст на човек кој е на власт само од април оваа година да заклучи една војна и да го промовира мирот на едно од најневралгичните места. На Рогот на Африка. По две децении апсолутно неразбирање и непријателство, Етиопија и Еритреја најпосле склучија мир за да ги залечат старите рани и да ги отворат магистралите на соработка. Можеби овој случај е далеку од Балканот, но е извонреден пример како едно лидерство може да смени една стомилионска нација како Етиопија и да ѝ понуди рака на помирување на малечката 4,5-милионска Еритреја, една од најзатворените и најавторитарни и најсиромашни земји во светот. Кога посилниот се нуди да стане рамноправен со послабиот и да ги признае грешките, тоа е огромен настан, без оглед каде се случува.

Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед (42), викендов замина во главниот град на Еритреја, Асмара, за со претседателот Исаиас Афверки да ја потпише Заедничката декларација за мир и пријателство, со која се промовира соработка во политичките, економските, социјалните, културните и безбедносните полиња. Со тоа беше ставен и официјален крај на бруталната војна што траеше од 1998 до 2000 година меѓу двете земји која однесе 80.000 животи. Мировниот договор од Алжир 2000 година никогаш не беше имплементиран затоа што Етиопија одби да го примени. Двете земји порано беа дел од иста држава, Етиопија, но во 1993 година Еритреја се отцепи со согласност на властите во Адис Абеба. Новата држава ја остави Етиопија без излез на Црвеното Море и со спорови за неколку територии.

Во последниве 7-8 години Етиопија е земја со најбрз економски раст во Африка, но системот беше длабоко автократски. Властите ги забранија политичките партии, ставија илјадници политички активисти во затворите, го контролираа животот на Етиопјаните во секој сегмент. Во април се случија огромни демонстрации низ етиопските градови и автократскиот премиер Хаиле Мариам Десалегн неочекувано беше принуден да поднесе оставка. Неговиот наследник Абиј Ахмед, уште во своето прво обраќање откако положи заклетва, ги шокираше своите сограѓани повикувајќи ја Еритреја да се решат „годините на недоразбирање“ и двете земји, кои делат исто културно наследство и се јазично многу блиски, да станат пријатели наместо непријатели.

Исаиас Афверки е на чело на Еритреја од нејзината независност и поради војната со Етиопија ја претвори својата земја во диктаторска држава, осамена, блиндирана и напуштена од сите. Воениот рок за регрутите трае без ограничување, а притисокот врз оние што мислат поинаку се претвори во брутален режим. Стотици илјади Еритрејци во последниве години тргнаа по патот на очајниците по бегалските рути за да ги избегнат теророт и сиромаштијата дома. Наеднаш стигна понудата за помирување од архинепријателот и висока еритрејска делегација пред извесно време беше во Адис Абеба на разговори за новиот почеток меѓу двете држави.

Абиј Ахмед за само неколку месеци ја електрифицираше нацијата со својот неформален стил, харизма и енергија. Неговото неочекувано водство го поставува основното прашање – дали лидерите се раѓаат или се создаваат.

Тој веќе ги заработи споредбите со Нелсон Мандела, Џастин Трудо, Барак Обама и Михаил Горбачов. Кога во неделата на аеродромот во Асмара се прегрнуваше и се смееше со Афверки како да се најблиски пријатели, а потоа поминуваа низ улиците на главниот град поздравувани од егзалтирани граѓани кои вееја знамиња на обете земји, тоа беа сцени кои беа незамисливи само пред неколку месеци. Исто како што беа незамисливи потезите на Ахмед веднаш откако стана премиер – отпушти од работа некои озлогласени функционери, како директорот на затворите, ги укина забраните за веб-страниците и другите медиуми, ослободи илјадници политички затвореници, нареди делумна приватизација на огромните државни компании, призна дека државата ги злоупотребувала човековите права и се извини за постапките на владата и неговата партија.

Како што беа неговите одлуки инстантни, така беше инстантна реакцијата на противниците, па на еден голем политички собир на владејачката партија од десетици илјади луѓе беше подметната бомба од која загинаа две лица, а стотици беа повредени во стампедото што следуваше. Луѓето носеа маици со неговото лице и слоганот „Една љубов, една Етиопија“. Веднаш по нападот, веројатно организиран од уште моќните безбедносни служби, погодени од демократизацијата, Ахмед изјави: „Љубовта секогаш победува. Убивањето на другите е пораз“. Растафаријански во некоја рака.

Роден во западна Етиопија, во мешано христијанско-муслиманско семејство, Ахмед му се приклучи како тинејџер на отпорот против комунистичкиот режим на Менгисту Хаиле Маријам, потоа се пријави во армијата, стигна до потполковник, влезе во политиката пред осум години и напредуваше бргу во ешалоните на владејачката партија. Како припадник на најголемата етничка група Оромо, кој течно ги зборува трите главни јазици во земјата, тој ја има можноста да биде мост преку кој ќе се поврзат разните етникуми. Досега врвовите на власта беа секогаш резервирани за малцинската етничка група Тигре. Иако земјата забрзано се развива, таа всушност е доведена до работ поради огромната нееднаквост, невработеноста, критичниот недостиг на странска валута и автократскиот стисок.

Мирот со Еритреја треба да им помогне на двајцата лидери – прво да ги намалат огромните трошоци за армиите, потоа етиопските стоки да имаат пристап до пристаништата на Црвеното Море, ќе се воспостави редовна авионска линија меѓу двата главни градови и ќе се обноват прекинатите телефонски врски. Во основа, од овој договор поголема корист може да извлече Еритреја и да ја оживее својата уништена економија, а диктаторот Афверки да ги олабави режимските стеги.

Хенри Кисинџер велеше дека „задачата на лидерот е да го одведе својот народ од онаму каде што е до онаму каде што не бил“. Две-три генерации Етиопјани чекаат некој да ги одведе онаму каде што не биле – во демократија и мир. Тоа не е мал потфат. Етиопија и Еритреја чекорот кон мирот и пријателството го направија сами, со мала помош отстрана.

Овој случај, како и македонско-грчкиот договор за името, покажува дека нациите навистина може да се однесат онаму каде што не биле – отаде предрасудите, стравовите и недовербата. Тоа не е мала задача, а лидерството изгледа дека повеќе го создаваат околностите и визијата. Овие случаи покажуваат колку е тешко да се оствари незамисливото, а истовремено лесно, ако се има храброста да се гледа во иднината.