Грчки медиуми: Коѕиас сака да биде првиот што авионски ќе дојде од Атина во Скопје
По промената на името на скопскиот аеродром, грчките медиуми не ја исклучуваат можноста шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас да го посети Скопје.
– Во случај да се направат овие симболични чекори, не треба да се исклучи можноста министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, набргу авионски, да замине за Скопје, со директен лет од Атина, прв по многу години, пишува грчкиот весник „Катимерини“, а со сличен коментар е и онлајн изданието на весникот „Прото тема“, објавувајќи дека шефот на грчката дипломатија „ги подготвува куферите за Скопје“.
– Коѕиас се подготвува за патување во ПЈРМ по промената на името на аеродромот, наведува „Прото тема“.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, според медиумите во Грција, во изминатиот период Никос Коѕиас, изразил желба да биде првиот кој од Атина, авионски би дошол во Скопје, доколку и во пракса се спроведат најавите на македонскиот премиер од Давос за преименување на аеродромот и автопатот. Сепак, за оваа информација не постои официјална потврда.
Останува отворено прашањето дали евентуалното патување од Атина во Скопје, би било со грчки владин авион или пак со лет на грчката компанија „Aegean airlines“, која пред четири месеци, официјално најави дека Скопје е една од новите дестинации што се воведуваат во 2018 за директни летови од Атина.