Грците му се лути на Јункер дека нè нарекол Македонија


„Оган врз црвените линии на Грција од Јункер: повторно говореше за Македонија“, „Јункер ПЈРМ ја нарече Македонија“, „Јункер: Македонците напредуваат, терминот ПЈРМ е бирократија“, „Нова грешка на Јункер, говореше за Македонија и Македонци“, „Провокација од Јункер“, се само дел од насловите во грчките медиуми, кои го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА за вчерашното интервју на претседателот на Европската комисија за „Дојче веле“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, новинарите во Грција акцентот во извештаите го ставија на употребата на Јункер на уставното име и коментарот дека ПЈРМ е „бирократски термин“.

– Претседателот на Комисијата граѓаните на ПЈРМ ги нарекуваше како „Македонци“, а паралелно рече дека името на земјата е „бирократски термин“, пишува CNN.GR.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“, коментира дека изјавата на Јункер доаѓа неколку дена откако Меркел во Берлин го пречека „македонскиот премиер“ и потсетува дека претседателот на ЕК и во минатото го искористил терминот „Македонија“, но тогаш „веднаш ја сфатил грешката и ја поправил“. Новинарката коментира дека Јункер, сега, го прифаќа истото име, без двоумење и тоа во време на тешки преговори.

– Повтореното погрешно споменување, меѓу другото, ги прекршува одлуките и обврските на самата ЕУ и претставува индиректен притисок врз Грција. Партнерите, се чини дека избираат јасна позиција во овој дипломатски двобој, ослабувајќи ја грчката страна, пишува „Прото тема“.

Весникот во анализата коментира дека Европејците се обидуваат да го оддалечат Скопје од сферата на земјите како што се Турција, Русија и Кина.

– Во суштина ги горат грчките „црвени линии”, имаат одлучено да го зголемат европското влијание на Балканот со итна интеграција на Скопје. Не ги интересира многу, дали премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев се покажува дека кажува многу, но прави малку во насока на одрекување од иредентизмот, пишува весникот.