Груевизмот се фати во руското коло


Насер Селмани

Владата на премиерот Зоран Заев воопшто не треба да ги занемарува руските закани за дестабилизиција на регионот, напротив треба најсериозно да ги свати и будно да ја следи ситуацијата за навремено да ги осуетат руските акции. Не велам дека Русија може да има некое позначајно присуство во регионот, но никогаш не треба да се потценуваат нивните капацитети да го предизвикат кревкиот мир во Балканот.

Главниот фокус на руското дејствување ќе биде насочено кон попречување на преговорите за името со Грција. Тие се свесни дека ако успеат да спречат евентуален договор за името, мали ќе бидат шансите Македонија да влезе во НАТО.

Опасноста за дестаблизација на регонот е уште поголема затоа што  руските акции во Македонија сесрдно ќе ги поддржат и одредени политички структури во Македонија и регионот, за кои западните земји имаат сериозни индиции дека се вмешани во корупциски скандали. Овие криминални структури во политиката и во бизнисот знаат дека веројатноста да избегнаат одговорност за нивните недела ќе биде поголема ако Македонија остане надвор од чадорот на НАТО и не започне преговори за членство со Европската унија.

Најголеми сојузници на Русите во напорите да ја дестабилизираат Македонија се груевистите во ВМРО-ДПМНЕ и груевистите во ДУИ, на чело со Али Ахмети. И Русија и македонското криминално политичко милје знаат дека најлесен начин да се дестабилизира Македонија и со тоа да се спречи евентуален договор со Грција, е да се предизвикат етнички или верски конфликти.

Има сериозни индикации дека блиски луѓе на Груевски се вклучени во формирањето на одредени екстремни партии од македонската десница и левица, кои во јавноста се претставуваат со многу агресивен вокабулар против НАТО. Дел од овој мозаик е и Христијанското братство, кое јава на идеологијата на панславизмот. Дел од таквото руско сценарио е постојаната кампања за ширење страв и хистерија во медиумите дека ако се смени името на државата ќе се изгуби македонскиот идентитет. Тоа за мене е антимакедонска теза, која им оди во прилог само на соседните држави. На грчките националисти не им смета македонскиот идентитет, туку македонската држава. Нивната стратегија е едноставна, да ја свртат македонската држава против нејзините стратешки сојузници, како што се САД и ЕУ. Надвор од овие организации Македонија ќе биде како јагне во друштво на гладни волци. Останатиот дел од приказната лесно може да се претпостави.

Веројатно, најголем дел од луѓето што се фатени во оваа замка не се ни свесни дека не бранат никакви национални интереси туку одработуваат за руските интереси во регионот. Освен тоа,  застануваат во одбрана на една политичка структура, за која има сериозни факти дека извршувала сериозни криминални дела против граѓаните и демократијата.

Во рамките на истата стратегија за предизвикување несигурност кај граѓаните се вбројува и операцијата на старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ против законот за јазици. Дотаму оди местенката што пратениците блиски до Груевски ги поднеле амандманите во Собрание без да го информираат новиот лидер Кристијан Мицкоски, ставајќи го него пред свршен чин.Но, експлозивната направа наречена илјадници амандмани, немаше да заврши работа без другото крило да ја донесе запалката за да се предизвика посакуваната експлозија. Затоа во сценариото се вклучи груевистичкото крило во ДУИ, кое прави се да го врати тркалото на историјата назад и да ја растури владата на Заев.

Заев и врвот на СДСМ како и странскиот фактот, пред се Американците, ја прочитаа валканата игра на Али Ахмети. Тој беше решен да ја бутне владата на Заев ако не се изгласа законот за јазиците, не дека му беше гајле за албанскиот, кој веќе 11 години го официјализира и никако да го доофицијализира, туку за да се реализира руското сценарио.

И СДСМ и странците беа свесни дека се кршат деловникот со начинот како ДУИ инсистираше да се изгласаа законот. Но, со тоа не само што спречија ДУИ да ја растури владата и да испаднат пред Албанците како големи патриоти, туку и му ја одзедоа агендата на Ахмети во иднина да ја уценува владата на Заев. Постоеше опасност ДУИ да излезе од владата и Македонија ќе влезеше во неизвесна политичка криза, со што сигурно ќе се прекинаа преговорите за името, а зачленувањето во НАТО и почетокот на преговорите за членство со ЕУ ќе беа спречени.

Најголема потврда за деструктивната улога на Али Ахмети во процесот на изгласување на законот за јазиците е што многу набрзо по изгласувањето на законот пристигна честитката од Специјалното јавно обвинителство.  Тоа е прва официјална домашна истрага против лидерот на ДУИ, која веројатно нема да биде ни последна. Ахмети веќе е прочитан, маневарскиот простор е многу стеснет. Сега прашањето е ќе оди сам, или ќе го испратат од врвот на ДУИ.

Но, Заев ќе направи голема грешка ако послуша некои итарпејовци од неговата партија, кои го советуваат руската игра да ја искористи демек за зацврстување на преговарачките позиции со Грците. Заев не треба да глуми лудило, туку треба да ги отвори картите со Американците и големите европски држави и да им каже до каде ние можеме да одиме. Исто така, треба да ги замоли да се вклучат поактивно и да извршат дополнителен притисок врз премиерот Алексис Ципрас да се затвори прашањето со чесен компромис.

Освен тоа, мора да отворат четири очи дека „неговите“ зад грб му создават инциденти, кои наводно треба да му послужат да се одвлече вниманието на јавноста од преговорите за името. Политички игри, во кои се вклучени етнички и верски чуства на граѓаните се многу опасни. Често во нив можат да изгорат и тие што ги подготвуваат или ги толерираат. Затоа, приказни како онаа со преквалификацијата на делото за смрта на малиот Алмир, воопшто не му помагаат во остварување на неговата агенда, туку напротив ги зајакнуваат неговите противници.