Грабеж во „Шпаркасе банка“ во Кичево: Крадецот бегал со кесата со пари и пиштол


Крадецот кој вчера го изврши грабежот во филијалата на „Шпаркасе банка“ во Кичево доби три кривични пријави поради основано сомнение дека е сторител на шест разбојништа во Кичево, Струга и Охрид.

Триесет и четиригодишниот Ч.Д. од струшкото село Ливада вчера е уапсен од страна на полицијата во Кичево откако претходно изврши грабеж во експозитурата на „Шпаркасе банка“. Тој е затекнат со најлонска кеса со пари и пиштол.

Според раскажувањата на очеивидци, тој бегал со кесата со пари и со пиштол во раката, но брзо бил совладан од полицијата.

Покрај вчерашниот грабеж, Ч.Д. се товари и за три разбојништва во Струга, едно во Охрид и две во Кичево.

Двете кражби во Кичево ги извршил во експозитурата на „Шпаркасе банка“ на 12 декември и вчера, а на 25 ноември и 6 декември лани извршил две кражби во „ТТК“ банка во Струга и едно во казиното „Астра“ на 5 декември. Во Охрид извршил разбојништво во „Силк Роуд“ банка на 30 ноември лани. Со извршувањето на кривичните дела, Ч.Д. се стекнал со противправна имотна корист од околу 1.200.000 денари.