Глигоров: Не сум фалсификувал документи


Директорот на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров ги демантира наводите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека станал директор со фалсификувани документи.
„Документите кои ги посочува пратеничката Стаменковска, односно сите документи кои се референтни и се бараат како доказ за исполнување на условите за избор на директор на Агенцијата за администрација сѐ уште се достапни и видливи на интернет страницата на Собранието на Република Северна Македонија, во делот на незавршени седници-седница бр.6, точка 3. и за истите најодговорно тврдам дека се вистинити и оригинални“, стои во демантот.
Имено, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска, во своето гостување во емисијата „Детектор“ на телевизија Сител посочи дека директорот на Агенцијата за администрација аплицирал за директороското место со фалсификувани документи.
Таа истакна дека од овој човек не може да се очекува да биде коректор на партиските вработувања во јавната администрација.
-Чудно е што човекот кој се вработи на најскандалозен начин, директорот на агенција за администрација да биде коректор на партиските вработувања во рамки на државната и јавната администрација. Еве да го потсетам министерот, но и за ваша информација директорот на Агенцијата за администрација, на денот кога се бираше во рамки на Собранието на Република Македонија како директор, имаше фалсификувани документи, фалсификувана диплома по англиски јазик, уште ја чувам дома и можам да ви ја доставам. Јас зборев на говорница во рамки на Собранието, но никој понатака не презеде одговорност, вели Стаменковска.