Глауком – подмолна болест што води кон слепило


Глауком е најподмолната болест на очите и втора по ред причина за слепило на светско ниво. Го нарекуваат и „тивок крадец на видот“, име што совршено ѝ одговара на оваа болест.

Покрај зголемен притисок во окото, глаукомот незабележливо ги уништува нервните влакна на мрежницата и очниот нерв. Тоа значи дека глаукомот ги уништува деловите од окото кои се задолжени за пренос на светлосните сигнали до центарот во мозокот и за формирање слики на предметите што ги гледаме. Ова пропаѓање на почетокот не дава никакви симптоми, а кога ќе се појават, тогаш веќе е доцна бидејќи болеста веќе напредувала. Тогаш изострено се гледаат само централни предмети или личности, додека периферниот вид станува заматен. Од периферијата, „маглата“ со време се шири кон централното видно поле, што е почеток на целосно слепило и фаза во која не постои начин видот да се врати и болеста да се запре.

Затоа е најважно редовно да се прават офталмолошки прегледи, особено после 45. година, бидејќи и за глаукомот важи истото правило како и за сите други здравствени проблеми – ако рано се открие, можно е да се држи под контрола.

Причини за болеста: Глаукомот најчесто е резултат на покачен очен притисок, иако ни тоа не е правило. Понекогаш и покрај нормалните вредности на очниот притисок, оштетувањата на нервот прогресираат. Ризикот е поголем со зголемување на возраста на пациентот, но ни тоа не е правило. Некогаш глауком се појавува и кај деца, па може да биде дури и вроден. Исто така, оваа болест е можно да биде и наследна. Глауком може да настане и по повреда на окото, инфекција на око или блокирани крвни садови во внатрешноста на окото.

Типови глауком:

Хроничен глауком: Ова е најчестиот глауком каде што водената течност може да дојде до каналите за празнење (со отворен агол) но тие полека се зачепуваат со текот на годините. Очниот притисок се зголемува многу бавно и не се чувствува болка за да се воочи проблемот, туку видното поле полека се намалува.

Акутен глауком: Акутниот глауком е поредок. Тој се појавува кога има ненадејна и поголема блокада на протокот на водена течност во окото. Ова е бидејќи остриот „агол“ се стеснува за да се спречи течноста да излегува од каналите за празнење. Ова може да биде болно и ќе предизвика трајна штета на видот ако не биде веднаш третирано.

Секундарен и развоен глауком: Кога зголемувањето на очниот притисок во окото е предизвикано од друга состојба на окото, се нарекува секундарен глауком. Исто така, постои ретка, но потенцијално сериозна состојба кај бебиња наречена развоен или конгенитален глауком кој е предизвикан од малформација во окото.

Дијагноза: Дијагнозата подразбира мерење на очен притисок, на видната острина, на дебелината на рожница, преглед на очна заднина со што се проверува и очниот нерв и жолти дамки и компјутерско испитување на видно поле.

Третман: Глаукомот е состојба која не може да се излечи, но може да се олесни животот со одредени третмани. Во зависност од глаукомот, може да се третира со капки, таблетки, ласер-зафат и оперативна хирургија. Кој третман е соодветен за вас се одредува на самиот преглед од страна на офталмолог.

И развиените земји не ја препознаваат болеста

Глауком е прва причини за неповратно губење на окото и втора најчеста причина за слепило во светот. Околу 4,5 милиони луѓе се слепи поради последици од глауком. Се очекува дека тој број до 2020 година ќе порасне на 11,2 милиони луѓе. Во развиените земји, во повеќе од 50 отсто случаи, на заболени од глауком болеста не била навреме препозната, ниту лекувана. Во неразвиените земји тој процент е дури 90 отсто.

Нема симптоми додека не стане доцна

Додека болеста не напредне, пациентот не чувствува никакви симптоми или болка. Првиот знак е губење на периферниот вид. Ако не се третира навреме и соодветно, тоа подоцна води кон губење и на централниот вид и кон слепило. Некои знаци што можат да укажат на болеста се:

– губење на периферниот вид (ова е обично прв знак за губење на видот, предизвикан од глауком).

– рефлексија околу светлата (ако гледате одблесок околу извор на светлина или имате зголемена чувствителност на светлина, може да биде знак на глауком).

– црвенило околу окото придружено со болка може да биде знак на повреда, инфекција или акутен глауком.

– заматено око (матна рожница е обично знак за глауком во детството).

– мачнина или повраќање и болка во окото.

– болка во окото или главата е чест симптом за глауком со затворен агол.

– намалување на видното поле (тунелски вид) губење на рабовите на видното поле.