Гасоводот останува на Водно, екологистите изненадени


Гасоводната делница Скопје – Тетово – Гостивар ќе поминува на Водно, одлучила Владата. Според директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, гасоводот ќе се гради по спорната рута во заштитеното подрачје, но со мали измени на самиот врв на Водно каде што има високостеблеста шума и намалување на ширината на работниот појас од 25 на 10 метри.

За екологистите одлуката е изненадување бидејќи не е донесена во рамките на разговорите на координативното тело, во кое беа вклучени и тие, заедно со сите засегнати институции. На последниот состанок, по посетата на вицепремиерот Кочо Анѓушев на Водно, тие уште еднаш потенцирале дека нема да се согласат ниту со првичната ниту со алтернативната траса преку планината. Оттогаш координативното тело немало состанок ниту, пак, се разговарало за ваква одлука на Владата.

„Ова е еднострана, а не заедничка одлука, како што се очекуваше да биде решен спорот за трасата на гасоводот. Доколку навистина Владата донела ваква одлука, ќе почекаме да ја добиеме, па ќе ги соопштиме нашите следни чекори“, вели активистот на „Го сакам Водно“, Андреа Јанков.

Од Владата потврдуваат дека одлуката е донесена по посетата на Анѓушев и невладините организации на локациите каде што се предвидува да поминува гасоводот.

„Работната група донесе одлука да се измени проектот во насока на заштита на животната средина. Се намалува и широчината на трасата со што за 50 отсто ќе се намали сечата на шума, односно речиси целата ќе се сочува и ќе се обезбеди фонд за пошумување, а дополнително ќе се засадат десеткратно повеќе садници. Клучната одлука во насока на заштита на животната средина и природата е изградбата на магистралниот гасовод“, информираа вчера од Владата и ги повикаа невладините организации да им бидат надзор во спроведувањето на проектот.

Екологистите, пак, не се согласуваат дека и со измената на трасата нема да има влијанија по животната околина. Тие се децидни дека изминативе месеци додека институциите се надмудруваат со екологистите можеа да ја го разработат проектот за северната траса.

„Водно, без разлика дали се работи за пошумен дел или не, е заштитено подрачје и воопшто не е дозволиво да се преземаат градежни работи тука. Ние ја разбираме загриженоста на Владата за нејзините обврски кон меѓународните финансиски организации, но не се согласуваме дека поради нив треба ние да се повлечеме и да ги смениме нашите ставови. Треба да одговара тој што го издал ова одобрение без да води сметка за негативното мислење на Градот Скопје и за последиците по парк-шумата“, појаснува Јанков.

Според директорот на МЕР, Реџепи, новопредложената траса била предвидена да се движи покрај постоечка патека, која ќе се прошири од лева и десна страна по неколку метри.

„Трасата од оваа делница се гради на јужната страна на Водно, која во поголемиот дел не е пошумена. Од Сопиште оди кон врвот на Водно и цело време по јужната страна и се спушта кон Матка. Со тоа ќе се избегне сечењето шума. Според анализите на јавното претпријатие ‘Паркови и зеленило’, за гасоводот ќе се исечат околу 1.400 кубни метри дрвја“, вели Реџепи во интервју за агенцијата МИА.

Измените на трасата, додава, се направени после преговорите со граѓанските организации кои се противат на изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно, а Владата одлучи неколкукратно да ја компензира исечената шума со пошумување на овој предел и да се врати во првобитна состојба за неколку месеци.

„Придобивките ќе бидат повеќекратни. Ќе се пошумува многу поголема површина отколку што ќе се сече, ќе биде многу убава и рамна патека што ќе се користи за пешачење, а појасот што ќе се направи ќе служи и како препрека во случај на пожари“, нагласува Реџепи.

Сања Наумовска