(Галерија)„Независен“ на автопатот Миладиновци-Штип
Работниците ги отстрануваат земјените бариери кои се истурени на повеќе места на автопатот Миладиновци-Штип. Тие веќе не се потребни за да ги спречуваат возачите на диво да се возат по автопатот. За еден-два дена и официјално ќе биде дозволено возење на делницата меѓу Миладиновци и Кадрифаково. Оттаму до Штип и досега се возеше по новиот автопат.
Клучката Миладиновци, после која почнува автопатот, е најголемата клучка во Македонија. Има 9 нови крака и должина повеќе од 1,5 километар. Спојува четири автопатски правци – кон Скопје, Куманово, Велес и кон Свети Николе, преку неа се сечат коридорите 8 и 10, велат од компанијата за надзор „Геинг“.
Првиот автопат во Источна Македонија, од наплатната рампа кај Миладиновци до наплатната рампа кај Кадрифаково, која допрва ќе се гради, има околу 42 километри. По должината се распоредени 7 клучки. Поставена е и 60 отсто од мрежата покрај автопатот за заштита од животни, но на повеќе места веќе неколку пати е заменувана затоа што ја оштетуваат. Покрај скинатата ограда има купче дрва. Дрвокрадците ќе го соберат кога ќе се стемни.
Автопатот има два коловоза со по три сообраќајни ленти, со вкупна ширина од 10,8 метри – за возење, претекнување и застанување. Меѓу двата пата има зелен појас од 4 метри, кој не е предвидено да се пошуми.
Целосно е поставена и челичната одбојна ограда.
Кај Средно Коњаре е четвртата клучка. Жителите од околните села сега можат да се приклучат на автопат преку стариот мал мост, кој е планирано да се замени со нов. По Коњаре, е мостот на Пчиња, најголем на автопатот, долг 198 метри.
До 17. километар, автопатот го градеше „Бетон“, следните 10 километри кинеската компанија „Синохидро“, а потоа, до Штип – „Гранит“. На 21. километар е клучката „Преод“. Пред неа ќе биде поставена една од двете планирани наплатни рампи.
По цела должина на автопатот е поставен оптички кабел. Одвивањето на сообраќајот ќе се следи со камери. Ако нешто непредвидено се случи и има прекин, преку службен премин се спојуваат левиот и десниот пат и се пренасочува сообраќајот. Изведени се се 7 службени премини. За заштита на куќите покрај автопатот, поставени се 3 километри звучни бариери. Има и кај Свети Николе, за заштита на приватноста на гробиштата.
Кај Кадрифаково, после клучката, ќе има втора наплатна рампа. Последната клучка на автопатот е „Три чешми“, преку која ќе се спои новиот експресен пат Штип-Кочани, кој е во изградба. Нејзиното завршување е планирано за неколку месеци. До тука автопатот има должина од 47,2 километри. Новиот автопат го скратува патувањето до Штип за околу 20 километри.
Ова е најбрзо изграден автопат, велат од надзорот. По меѓународни стандарди, по него ќе возат малку возила. Но, за македонски услови, тој ќе биде долго чеканото решение за источниот регион. Велат ќе биде и најевтин, затоа што чини помалку од 4 милиони евра по километар.
Дополнителните работи на автопатотот ќе чинат 5-6 милиони евра. Но и со нив нема да биде пробиен првично планираниот буџет од 226 милиони евра.
На автопатот од Свети Николе до Кадрифаково, во текот на градбата, направено е испитување на носивоста на коловозот, кое покажало дека е во граници на бараните вредности. Проектираната дебелина на асфалтот од 19 сантиметри на многу места е дури и поголема, до 20 сантиметри. Според проценките, автопатот ќе издржи 15 до 20 години, а со прописното одржување, тој век може да се продолжи до 25 години. После следи рехабилитација.
По автопатот ќе се вози со максимални 130 километри на час.
Анита Салтировска
Фото: Борис Грданоски