Газдата на Кожувчанка – потпретседател на ВМРО ДПМНЕ


Митко Јанчев, газда на Кожувчанка и актуелен градоначалник на Кавадарци, е нов потпретседател на ВМРО ДПМНЕ. Покрај него, потпретседателска функција ќе имаат и Владо Мисајловски, поранешен министер за транспорт и врски, како и Александар Николовски, довчерашен кандидат за амбасадорска функција во Брисел.

Ова, како што дознава Независен весник од високи партиски функционери, е договорено на вечерашниот состанок на Централниот комитет на најголемата опозициска партија во земјата чиј нов генерален секретар е поранешниот директор на „ЈСП Скопје“, Игор Јанушев.  На состанокoт на ЦК се потврдија и најавите на нашиот медиум за расчистување со дел од старите кадри кои беа потписници на писмото за промени во ВМРО ДПМНЕ или пак не му дадоа поддршка на новиот претседател, Христијан Мицкоски.

Неофицијално дознаваме дека членови на Извршниот комитет на партијата нема да бидат актуелните пратеници Антонио Милошоски и Илија Димовски, поранешниот парламентарен спикер, Трајко Вељановски, екс министерот за финансии Зоран Ставрески, еден од основачите на партијата, Борис Змејковски, итн. Затоа, пак, нови членови на ИК, како што брифираат партиски функционери, се „поразениот“ градоначалник на Ѓорче Петров, Владо Мисајловски и поранешниот директор на СЦ „Борис Трајковски“, Златко Перински.        (Г.А.)