„Гавела“ од Загреб гостува во МНТ со „Крал Ричард Трети“


На „Скопско лето“ ќе гостува театарот „Гавела“ од Загреб, кој вечер во Македонскиот народен театар ќе ја изведе претставата „Крал Ричард Трети“ од Шекспир во режија на Александар Поповски.

На прес-конференција режисерот рече дека претставата е нова, во декември премиерно Е изведена во „Гавела“, каде што тој работи десетина години.

– „Гавела“ има специфичен ансамбл. „Ричард Трети“ не е едноставен материјал и потребни се добри актери, а тие тоа го имаат. Феномен од актер е Озрен Грабариќ, кој го игра насловниот лик, рече Поповски, чија претстава „Сон на летната ноќ“ беше десет години на репертоарот на овој театар во Загреб.

По повод гостувањето на „Скопско лето“ тој истакна дека е задоволен што ќе има можност пред македонската публика да го покаже тоа што го работи надвор од државата, а со овој фестивал го врзуваат, како што рече, неговите аматерски денови и изведбите во Куршумли ан.

Покрај Озрен Грабариќ, кој го игра насловниот лик во оваа историска драма на Шекспир, во актерската екипа се и: Андреј Дојкиќ, Свен Шестак, Мартина Чвек, Дијана Видушин, Свен Медвешек, Живко Аночиќ, Бојана Грегориќ-Вејзовиќ, Хрвоје Клобучар, Славица Кнежевиќ, Никола Баќе, Иван Грчиќ, Ѓорѓе Кукуљица, Филип Шоваговиќ и Аница Ковачевиќ.

Режисерот Поповски е автор и на сценографијата. Костимограф е Марита Ќопо, а автор на музиката Марјан Неќак.

По настапот во МНТ, „Крал Ричард Трети“ на загрепскиот театар „Гавела“ в недела ќе гостува и на „Битола Шекспир фестивал“.