Вучиќ: „Не сакам да ги менувам границите“


Вучиќ во многу напната ситуација во Косово, која почна уште од раните утрински часови во неделата, со блокада на улиците и истрели од оружје каде што требаше да помине, денеска одржа говор на главниот плоштад во Косовска Митровица. Говорот на Вучиќ беше главно насочен кон Србите што живеат во Косово, а српските медиуми веќе го оценија како историски.

„Јас сакам да им се обратам и на граѓаните што не успеаја да дојдат на овој собир бидејќи некои други ги блокираа сите патишта, пукаа од оружје, запалија гуми, за да ги заплашат оние што сакаат да дојдат. Им благодарам на оние што ме чекаа и подготвија величествен пречек. Нашата работа е продолжение на борбата за да ја промениме слика за себе и аголот од кој нè набљудуваат. Им благодарам на сите што го чуваат и бранат српско постоење во Косово и оние што гледаат во иднината, наша, српска и на Србија, но и за неопходноста за соживот со Албанците. Повеќе пати сум бил во Косово, секогаш избирав моменти кога не беше лесно и не знам дали беше потешко тогаш или денес. Сакав да ви покажам дека разбирам низ што поминувате“, рече Вучиќ.

„Дојдов во Косово и во претходните два дена ги слушав нашите луѓе. Вистината за нивниот тежок живот, неизвесноста што ги убива и вербата дека нивната, наша Србија ќе помогне. Моја обврска е да ви кажам дека и во добро и во зло, секогаш ќе бидеме со вас“, рече Вучиќ

„Кога ви зборувам дека сакам да ги менувам границите, не ви ја зборуваат вистината. Сакаме да направиме сè што можеме и да зачуваме сè што можеме во Косово и Метохија. Ние сакаме да ги добиеме сите права што ви припаѓаат, ние сакаме да имате право на живот, работа, слобода, учење и лекување“, нагласи српскиот претседател.

Тој потсети на говорот на Слободан Милошевиќ на Газиместан во јуни 1989 година, пред почетокот на распадот на СФРЈ. Вучиќ рече дека Слободан Милошевиќ бил голем српски лидер, но дека желбите на Србија во тоа време не биле реални и дека Србија не сфаќала дека не е сама во светот и дека не може без светот и поради тоа платила цена.

„Пред речиси 30 година стотици илјади луѓе, а Милошевиќ беше доволно голем да ги собере, го дочекаа крајот на неговиот говор. Пееше нашиот народ занесен и горд ‘Ко то лаже, ко то каже Србија је мала’“, рече Вучиќ и додаде дека потоа Србија ја чекале три војни, дека Србите гинеле во Книн, Сараево и Приштина, а дека денес во Книн се вее „шаховницата“, во Сараево бројот на Србите е преполовен, а во Приштина живеат само неколкумина Срби.

„Од многумина е прогласен за предавник и покојниот Александар Тијаниќ, кој уште во 2003 година нè потсети дека зборуваме како живееме за Косово, но никој не сака да живее во Косово“, рече Вучиќ и потсети дека за време на десетгодишното владеење на Милошевиќ само нешто повеќе од илјада семејства се вратиле во Косово. А стотици илјади си заминаа. „Како што е вистина дека оние што денес викаат Албанците да се протераат преку Проклетие, кои во кафулињата во Белград трубат за нова војна, но без нивните деца, бидејќи одамна ги испратиле многу далеку, кои се закануваат на секоја помисла на договор – е, па, тие нема да ви дојдат овде. Живеат богато, завалени во своите удобни фотелји, плукаат по сите кои направиле или рекле нешто сериозно, но не сакаат да ја врзат својата иднина со Косово“, рече тој.

Вучиќ рече дека Србија не сака во НАТО бидејќи ја чува својата независност и дека анимозитетот меѓу него и косовскиот претседател Хашим Тачи е обостран. „Јас не го сакам, не ме сака ни тој мене, но можам и пред Тачи и пред секој друг во светот да одам заради Србија. И пред Могерини и Меркел, Макрон и Путин. Компромис е кога сите добиваат, барем по малку и никој не добива сè“. Тој додаде дека ќе направи сè за компромис. Мојата работа е реалноста, на ова Косово и во оваа Србија, а не некаде горе, на небо“, додаде тој.

Претходно ветераните на ОВК ги блокираа сите патишта што водеа кон селото Бање во близина на Дреница за да го спречат Вучиќ да го посети тоа мултиетничко место. Косовската влада донесе одлука дека посетата на селото Бања се откажува од безбедносни причини. Вучиќ тргна кон селото, но го запре косовската полиција. Во Бања има 300 српски куќи. Вучиќ потоа на жителите им се обрати преку телефон, а тоа се пренесуваше преку звучници. (Н1, Дневник.хр).