Вучиќ: Веројатно нема да се кандидирам за втор мандат


Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека веројатно нема да се кандидира за втор мандат на следните претседателски избори во 2022 година.

Вучиќ, во интервју за „Блумберг“ истакна дека негова намера е да ја „заврши работата“ потребна за влез на Србија во ЕУ до крајот на овој мандат.

– Дали ќе бидам претседател во 2025? Нема. Ќе се повлечам 99 отсто… Мојата идеја е да ја завршам работата во оваа канцеларија во следните четири и пол години и толку, изјави Вучиќ и додаде дека нема намера да се враќа на премиерската функција.

Тој најави дека својот предлог за Косово, најголемата пречка за Србија на патот кон ЕУ, ќе го соопшти до првата половина на април. Вучиќ појасни дека предлогот прво ќе го претстави во Србија, а потоа и пред меѓународната заедница. Тој не сакаше да открива детали, но оцени дека ќе биде од „клучна важност за подобрување на односите меѓу Србите и Албанците“. Воедно, српскиот претседател потенцира дека двете страни ќе мора да бидат подготвени за компромис.

– Ова е една од последните можности да надминеме еден од најголемите проблеми во регионот и тоа засекогаш, вели шефот на српската држава.

Тој истакна дека ќе ја „подготви Србија за влез во ЕУ до почетокот на следната деценија“, притоа одржувајќи добри односи со Русија. Односите со Москва ги оцени како „традиционално добри и пријателски“ и најави дека такви и ќе останат.