Втор убедлив пораз на македонските ракометарки во Крајова


Женската ракометна репрезентација на Македонија го претрпе и вториот убедлив пораз на меѓународниот турнир „Карпати Трофеј“ што се игра во Крајова, Романија, а во рамки на ЕХФ неделата.

Откако вчера избраничките на селекторот Симе Симовски загубија од Бразил 32-19, денеска тие се поразени од домашната селекција на Романија со 31-18, полувреме 18-5.

Уште во воведните минути стана јасно дека Романките се за класа подобар тим, па по водството од 12-1 по петнаесетина минути игра беше јасно каков ќе биде конечниот епилог. Првиот дел црвено-жолтите го загубија со тринаесет негатива, 18-5.

Во вториот дел, домаќинките го одиграа рутинирано, па иако им дозволија на нашите ракометарки да постигнат тринаесет гола, сепак на крајот разликата остана како и на полувремето, а конечниот резултат гласеше 31-18 за Романија.

Утре нашата селекција ќе го одигра последниот меч и тоа против селекцијата на Полска која досега оствари две победи (вчера Романија и денеска Бразил).